Случај лифтови: Фирмата од Битола не е „фантомска“, постои 30 години

Антикорупциска не го спомена името на фирмата, но од „Сервис Дака“ самите потврдија дека наводите се однесувале за нив. Но, од таму тврдат дека самите тие го пријавиле овој случај во обвинителството во 2021 година - дека се појавил субјект кој издава сомнителни или лажни ИСО сертификати


Речиси и да нема колективна зграда во Битола, каде има лифтови, а да не ги поставила и да ги сервисира „Сервис Дака“: седиштето на компанијата во Битола

 

БИТОЛА – Фирмата за лифтови, која вчера беше спомната како „фантомска“ од Антикорупциската комисија, ги негира овие наводи. „Сервис Дака“ од Битола не е фантомска фирма, туку опстојува цели 30 години во бизнисот со лифтови, велат од таму за „Независен“. Според нејзиното портфолио, „Сервис Дака“ проектира, монтира, сервисира и одржува лифтови, а произведува и лифтовски компоненти.

Битолчани многу добро знаат кои се сопствениците на овој фамилијарен бизнис кој вчера Антикорупциската комисија ја спомена како „непостоечка фирма за лифтови“ која е вмешана во „голема измама со тендери за поправка на лифтови во државни институции“. Од фирмата велат она што треба да го испита ДКСК е како некој дозволил на пазарот во државата, наспроти сите инспекциски и регулаторни тела, да се појави субјект кој ќе издава сомнителни или лажни ИСО сертификати.

„Независен“ го контактираше сопственикот Димче Поповски, кој тврди дека информацијата на Антикорупциската комисија има реална основа само во дел од податоците, а сѐ друго, наводно, било неосновано и дека фирмата преку своите правни застапници се консултира кои чекори да ги преземе и како да постапи во овој случај. Се очекува формата да излезе пред јавноста и со факти и докази да ја претстави, според нив, „реалната слика“ за наводите искажани од антикорупционерите. Минатата година фирмата има поднесено пријава до јавното обвинителство поврзана со овој случај, а сега најавуваат дека ќе обелоденат детали со соодветна доказна докуентација.

„Се консултираме како да настапиме, зашто медиумите се интересираат. Она што е наведено во изјавата на Антикорупциска е нецелосно прикажување на фатите за целата ситуација за што имаме цврсти докази. Ние не сме фантомска фирма, постоиме на пазарот од 1992 година, значи три децении, и токму за овој случај имаме пријава од лани пред обвинителството. Значи, реагиравме во врска со фалсификуваните сертификати од 2021 година“, вели Димче Поповски за „Независен“. 

Всушност, фирмата „Сервис Дака“ ѝ е добро позната не само на битолската туку и на македонската јавноста со оглед на тоа што имаат свои сервис служби и подружници низ повеќе градови во државата. Речиси и да нема колективна зграда во Битола, каде има лифтови, а да не ги поставила и да ги сервисира оваа фирма. Досега не се забележани инциденти.

„Сервис Дака“ поставува лифтови низ цела Македонија

Вчера антикорупционерите излегоа со веста дека физичко лице со фантом фирма фалсификувало хрватски документи и потписи од директори за ИСО сертификати, а битолска фирма за сервисирање и монтажа на лифтови со лажната документација конкурирала и најверојатно добивала тендери во болници и јавни установи.

Фирмата конкурирала и во периодот од 2018 до 2022 година имала добиено  околу 90 тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции, кои давале буџетски средства.

Од ДКСК вчера нагласија дека не смеат да го објават името на фирмата, но изразија надеж дека за овој случај ЈО ќе постапи експресно. Но, од „Сервис Дака“ од Битола велат дека нема ништо за криење и премолчување.

„Наместо ДКСК наместо да нѐ заштити како жртва на измама на пазарот преку соопштението во медиумите не прикажува како сторител на кривично дело. Иронијата да е поголема – ние сме тие што го пријавија случајот како општествено одговорна компанија. Она што треба да го испита ДКСК е како некој дозволи на пазарот во државата, наспроти сите инспекциски и регулаторни тела да се појави субјект кој ќе издава сомнителни или лажни ИСО сертификати“, велат сопственикот Поповски.

Според изјавата на Владимир Георгиев од Антикорупциска, наводниот случај бил откриен кога Градската болница од Скопје објавила тендер, а комисијата за јавни набавки во болницата ја проверила валидноста на ИСО сертификатите кај самиот издавач на сертификатите – фирма од Хрватска. Од таму добиле одговор дека сертификатите се фалсификувани. Комисијата не ја прифатила понудата од наведената фирма, а „непостоечката“ фирма вложила жалба до државната комисија за жалби по јавни набавки, од каде е одбиена како неоснована.

Премерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека обвинителството и другите надлежни институции да ги испитаат наводите на Антикорупциската комисија, а доколку се откријат криминални дејанија сторителите да бидат најстрого санкционирани. „Се работи  за системи што значат многу во безбедноста на граѓаните“, рече Ковачевски.

Обвинителството сега треба да поведе истрага кој и како фалсификувал ИСО сертификати, затоа што ова е исклучително чувствителна ситуација, а граѓаните се вознемирени дали некој можеби си поигрува со нивната безбедност.