Словенија: Заврши ерата на Јанша, Роберт Голоб е избран за премиер

Клучен приоритет на новата влада ќе биде реформирање на јавниот здравствен систем и дигитализација на општеството


Роберт Голоб за време на обраќањето во парламентот

 

Еден месец по изборите собранието на Словенија денеска го избра Роберт Голоб за премиер на државата. За него гласа 54 пратеници, а 30 беа против во 90-членото собрание. Сега Голоб треба да ја формира владата и да ја претстави пред пратениците. Со тоа заврши третото владеење на Јанез Јанша (овој пат од две години), кое предизвика големи поделби во општеството, напади на слободата на медиумите и блиска поврзаност со Виктор Орбан.

Владата на Голоб ќе биде коалициска, составена од неговото Движење слобода, кое триумфираше на изборите, од социјалдемократите и Левица. Со тоа, политичката ориентација е од центар кон лево.

Во своето обраќање Голоб, кој е претседател на новоформираното Движење слобода, најави дека неговата влада најпрво ќе започне со регулирање на здравствениот систем и трошоците, кои ќе бидат ограничени до есен, а секој ќе преземе дел од товарот. „Светот денес не е во нормална ситуација и ние не заслужуваме воени профитери во Словенија и нема да има. Секој ќе мора да преземе дел од својот товар на фер и праведен начин“, рече Голоб, според извештајот на весникот „Дело“. Тој во својот говор пред пратениците најголем дел од времето посвети на здравството.

„Јавниот здравствен систем е темелот на кој почива секоја социјална и праведна земја. Ова мора да биде систем кој, се разбира, ќе биде достапен за секого, без разлика на нивниот социјален статус, без разлика на проблемот што ги мачи“, рече Голоб, најавувајќи „експеримент“ во кој нема да се спроведат реформите нема да се спроведуваат само на хартија, туку ќе изготват стрес-тест план за јавниот здравствен систем, во кој ќе утврдат до каде се неговите крајни граници.

Според него, потребно е да се обезбеди правилна организација, соодветна информатизација и дигитализација. Да се обезбеди соодветен начин на работа на примарно ниво, искоренување на корупцијата и грижа парите да му припаѓаат на пациентот. „Ова е историски експеримент со јасна намера за тоа како да поставиме систем кој навистина ќе го реформираме во 2024 година за да трае следните 20 години“, рече тој.

Како трет приоритет Голоб го посочи општеството на знаење, кое според него е единствениот начин да се дојде до нова создадена вредност, која не е нужно само материјална. „Вредност можат да создаваат вработените во економијата материјално, вредност можат да создаваат државните службеници и материјално и нематеријално. Вредност можат да создадат културни дејци, ученици, сите. Единствениот начин всушност да се максимизира оваа вредност е да се инвестира во знаење. Три навидум едноставни мерки или упатства, но тие треба да се спроведуваат систематски. На почетокот се започнува со дигитализација, почнува со собирање податоци и поврзување на сите системи. Кога имаме поврзани системи и собрани податоци, одеднаш добиваме пристап до информациите, а потоа поради видливоста на информациите знаеме што ќе правиме. Без тоа, ќе талкаме во темнината“, рече тој.