Словенија дава 6.500 евра субвенции за купување електрични возила, Хрватска 10.000. А ние?


 

Електричните возила сѐ повеќе се во фокусот на јавноста, а владите на земјите од регионот се обидуваат да пружат помош во вид на субвенции и со тоа да им олеснат на заинтересираните возачи да си дозволат еко-возило.

Српското здружение на увозници на возила и делови истражувало какви програми за заштита на воздухот имаат земјите од регионот, дали се членки на Европската унија или сакаат да станат такви.

И овие влади, како и српската, се трудат да го решат проблемот со возниот парк, да го модернизираат и да помогнат да се заменат возилата со SUS мотори кои се поеколошки. Така значително би ја намалиле емисијата на штетни гасови.

Словенија и во 2024 година ќе продолжи со субвенции за набавка на електрични автомобили, а условите како и досега ќе бидат различни за фирмите и физичките лица, односно правните и физичките лица.

„Правните лица ќе можат да добијат субвенција само за нови, а физичките и за користени електрични возила. Максималната вредност на возило што правните лица можат да го купат со субвенција е 65.000 евра. За физичките лица висината на субвенцијата зависи од вредноста на возилото (максимумот ќе биде 6.500 евра). За прв пат се најавуваат субвенции за електрични велосипеди, како и воведување даноци за сопствениците на електрични возила од 1 јуни годинава“, наведуваат од Здружението, пренесе Бизнис.рс.

Хрватска уште во 2014 година воведе државни стимулации за набавка на еколошки возила, но минатата 2023 година, на изненадување на многумина, оваа субвенција изостана, со образложение на надлежниот „Фонд за заштита на животната средина и енергетска ефикасност“ дека се изготвуваат нови правилници.

Хрватскиот автомобилско-мото сојуз и медиумите неофицијално тврдат дека Фондот за заштита на животната средина и енергетска ефикасност наскоро ќе објави јавен повик за субвенционирање. Висината на стимулации, како што е наведено на веб-страницата на овој фонд, ќе биде до 40 отсто од вредноста на возилото, во зависност од видот. Во 2022 година износот на стимулации беше околу 10.000 евра за електрични и 5.000 евра за plug-in хибриди (тогаш вредноста се изразуваше во куни, а во меѓувреме беше воведено еврото).

Интересно е што во Хрватска многу јавни служби сами го финансираат купувањето на електрични возила, па така Хрватската пошта има околу 470 електрични возила и развива сопствена мрежа на станици за полнење. Се проценува дека Хрватска пошта лани заштедила околу 240.000 евра само на разликата во цената на горивото, се вели во анализата на Здружението.

Во Црна Гора, покрај стимулирањето на набавката на еко возила за физички и правни лица (5.000 евра за електрични, 2.500 евра за хибриди), неодамна се стимулира и набавката на еколошки возила за јавниот сектор, со 7.500 евра за електрични и 4.000 евра за хибридни возила. Јавниот повик беше објавен на 8 декември минатата година и се уште трае.

Со електрификација се работи и во Босна и Херцеговина, а минатата година таму беа одобрени еден милион конвертибилни марки за набавка на еколошки возила – 500.000 за правни и 500.000 за физички лица. За електричните возила износот на субвенциите изнесуваше 10.000 KM, за plug-in хибридите 7.000 и за хибридите 5.000 KM. Од Здружението наведуваат дека оваа практика се очекува да продолжи и годинава.

Македонија овој вид субвенции ги започна во 2017 година, а во следните години достигнаа 5.000 евра за електрични возила, но лани немаше средства во буџетот. Според македонските медиуми, годинава треба да се одвојат средства и за електрични и за хибридни возила, како и за ваучери за поставување на уреди за ТНГ или метан.

Македонската влада уште кон крајот на 2018 година го презентираше планот и програмата за намалување на аерозагадувањето, при што беа ветени измените на Законот за возила, со кои, меѓу другото, беа најавени и субвенции за набавка на електрични и хибридни возила и тоа за граѓаните во износ од 5.000 евра за електрични возила, и 3.000 евра за хибридно возило. Тогаш беше најавено дека во првата годинаќе да бидат доделени субвенции за 200 возила. И покрај ваквото ветување, најавените субвенции не се остварија.

Во буџет за 2023 година не беа предвидени финансиски средства за субвенции за граѓаните кои планираат да набават хибридни или електрични возила. Од Министерството за економија прстот го вперија кон Собранието, бидејќи Предлог – законот бил изменет во собраниска процедура и била отстранета Програмата за субвенционирање за купување на возила на електричен погон. Инаку, Програмата предвидувала 240.000.000 денари, со кои требало да се доделуваат субвенции во износ од 3.000 евра за набавка на хибриднии и 5.000 евра за набавка на електрични возила. 

Во дел од медиумите оваа тема повторно беше отворена деновиве при што, како повод беше примерот од Србија каде што почна пријавувањето за субвенции за купување на електрични возила, во износ од 5.000 евра, за што оваа соседна земја издвоила околу 1,45 милиони евра, а право на субвенција можат да остварат физички лица и фирми. Во Србија, субвенции се предвидени и набавка на електричен мопед или лесен трицикл, од 250 евра, како и 500 евра за набавка на електрични мотоцикли, тешки трицикли, лесни и тешки четирицикли.

Албанија до сега немаше директни субвенции за набавка на еколошки возила, но увозот на електрични возила е ослободен од царина, ДДВ (17 проценти), не се плаќа патарина, има даночни олеснувања, бесплатен паркинг и слично. 

Државата, која се надева на поголеми приходи од туризмот, стимулира инсталирање на електрични полначи во градовите и покрај главните патишта и електрификација на јавниот превоз.

Некои од развиените земји во Европа, пак, се решија да ги укинат субвенциите. Така, кон крајот на минатата година во Германија беше објавено дека буџетот за 2024 ќе биде со мерки за штедење, меѓу нив и предвремено прекинување на субвенциите за купување електрично возило во висина до 6.000 евра. Во Германија еколошкиот бонус беше воведен во 2016 година и за таа цел биле исплатени околу 10 милијарди евра субвенции за 2,1 милион возила.