Словачка продава поскап бензин за странците, ЕК вели дека одлуката е нелегална
Одлуката на Словачка да наметне повисоки цени на дизелот за странските возачи е спротивна на законот на Европската Унија, соопшти Европската комисија.
Минатата недела, Братислава објави мерки за ограничување на продажбата на гориво, наведувајќи ги прекинатите испораки на нафтоводот преку Украина и наглото зголемување на цените на енергијата поради војната на Блискиот Исток.
„Сметаме дека оваа мерка е многу дискриминаторска и спротивна на законот на ЕУ“, рече портпаролот на Европската комисија, Рикардо Кардосо, за различните цени за странските возачи.
„Ја разбираме потребата да ги поддржиме граѓаните, особено во овој момент, но мерките не смеат да дискриминираат врз основа на националност или да го поткопуваат интегритетот на единствениот пазар“, додаде тој.
Комисијата ќе преземе „соодветни законски мерки“ за да обезбеди усогласеност со европските правила.
Владата на премиерот Роберт Фицо веќе ја ограничи продажбата на дизел, дозволувајќи само полнење на резервоарот на автомобилот и дополнителен контејнер до 10 литри. Властите, исто така, објавија дека странските возачи кои досега имаа корист од пониските цени во земјата ќе платат повисока цена, пресметана врз основа на просечните нивоа во Австрија, Полска и Чешка.