Слики од „Виножито од Тиквешко” на Владимир Темков на изложба во Белград

Кавадаречкиот ликовен уметник Владимир Темков вечерва ќе го претстави своето ликовно творештво преку изложба на слики во „Продажна галерија” во Белград.
– Се работи за 30 дела од последниот циклус „Тиквешко виножито”, на кои се претставени виното и житото што се раѓаат под тиквешкото сонце, појаснува Темков.
Минатиот август овие дела беа пред љубителите на културата во Турција, а пред некое време Темков имаше изложба и во Њујорк и Скопје. Тој нагласува дека ова е последната од неколкуте големи изложби низ светот, по повод 45-годишен јубилеј.
– Со овие изложби, како впрочем и сите други, се промовира македонската култура во светот, со посебен акцент на кавадаречката уметност, дециден е Темков.