Следниот викенд Галичка свадба, Илчо Димитров и Елена Дураковска годинашни младенци


Илчо Димитров (28) и Елена Дураковска (24)  годинава се зет и невеста на 48. издание на Галичката свадба, која ќе се одржи следниот викенд, од 15 до 17 јули во Галичник, на планината Бистра.

Карактеристично за годинешната манифестација е што покрај нив, во црквата „Свети Апостол Павле” во ист ден ќе бидат венчани и Искра Блажевска и Марко Бекрик, додека Марија Крстевска и Владимир Черепналковски ќе го кажат судбоносното „Да” во Галичник на 28-ми август.

Со оглед на тоа што има галичко потекло, Илчо Димитров на денешната прес-конференција во Скопје напомена дека нема пропуштено ниту една галичка свадба, а последниве десет години се облекува во носија. Токму поради тоа, како што рече, е особено горд што годинава заедно со Елена се зет и невеста за Галичка свадба.

– Имам галичко потекло по мајка и по татко. Двете мои баби се родени во Галичник, едната баба е Чалоска, а другата е Веноска и од таму потекнува мојата желба да бидам галички зет годинава, со оглед на тоа што секоја година летно време сум таму и мислам дека немам пропуштено ниту една галичка свадба. Последниве десет години се облекувм во носија и сум активен учесник во истата, така што ќе немам никаков проблем околу адетите, носијата, и сум премногу горд и среќен што годинава со Елена сме зет и невеста за Галичката свадба, истакна Димитров.

Елена Дуровска рече дека исто така потекнува од западна Македонија и се чувствува привилигирано што оваа година е невеста на Галичката свадба.

– Три години и шест месеци сме веќе заедно со Илчо. И јас потекнувам од западна Македонија од селото Битуше и поради тоа ми е многу мерак и ми е многу мило што ќе бидам невеста. Чест и задоволство ми е и дури се чувствувам и привилигирано што сум невеста на Галичката свадба, додаде Дуровска на прес-конференцијата.

На прашање кој обичај и е посебно драг за време на свадбата, таа рече дека тоа е обичајот кога невестата го гледа низ прстен зетот и ги кажува зборовите „Низ прстен те гледав, во срце да ти влезам“.

Претставникот на организацискиот тим на Месната заедница Галичник, Александар Костиќ на денешната прес-конференција посочи дека интересот на младите за учество на Галичка свадба од година во година се зголемува, што според него, покажува дека традицијата и народните обичаи остануваат темел на нашиот колективен идентитет и вредности.

– Оваа година се пријавија пет двојки, од кои три во целост ги исполнија пропишаните критериуми, по што организацискиот тим одлучи сите нив, на најдобар можен начин, да им даде можност да учествуваат во годинешната манифестација, објасни Костиќ.

Како што рече благодарение на поддршката од големиот број поддржувачи и оваа година Галичник е подготвен да им посака добредојде на сите посетители од земјава и странство кои ќе дојдат да ги видат и да посведочат за убавината и уникатноста на свадбарските обичаи, богатиот колорит на народните носии на свадбарите и изворните песни и ора, карактеристични за овие македонски предели.

И овој пат покровител на Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата е Министерството за култура.

Според министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Галичката свадба е повеќе од традиција, повеќе од културно богатство, од адет, од наследство. Галичката свадба, како што рече, е идентитет.

-За восхит е гордоста на галичани на своите корени, на своите семејни стебла, на својот Галичник. Нивната печалбарска историја, која од колено на колено се прераскажува за да не се заборави, е драгоцен запис од македонското минато препоза трудот и љубовта што се вложуваат за зачувување на оваа уникатна традиција, со Институтот за фолклор работиме на елаборат за зачувување и заштита на галичките свадбени обичаи, со што Галичката свадба и неините обичаи, за првпат во нивното шеесетгодишно манифестациско постоене, ке ја добијат заслужената институционална заштита, рече Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата.

„Пивара Скопје“ и нејзините брендови и оваа година се дел од Галичка свадба, со што продолжува нивното партнерството кое трае 48 години.

– Во годината кога Пивара Скопје прославува 100 години од своето основање, ни претставува посебна чест и задоволство да ја продолжиме поддршката и партнерството со една од најпознатите манифестации по нашата земја. Токму традицијата е она што ги поврзува Пивара Скопје и Галичка свадба и она што сите нас не држи заедно, и тоа во пресрет на одбележувањето на 60-годишнината од почетоците на Галичка свадба во сегашната форма, што ќе се случува следната година. Ние во Пивара Скопје сме подготвени да го продолжиме и дополнително да го зајакнеме нашето меѓусебно партнерство, со што ќе овозможиме продолжување на богата традиција кој е дел од нашето заедничко културно наследство, истакна Марија Миничиќ, менаџерка за партнерства со заедницата на Пивара Скопје.

Покрај финансиска поддршка које е неопходна за одржување на континуитетот и високото ниво на Галичката свадба, Пивара Скопје традиционално обезбедува и пијалоци за учесниците на свадбената церемонија.

– Се вели дека нема свадба или друга прослава без пијалоците на Пивара Скonje, a ocoбено без скопско. Ако е така, тогаш сосема природно е што скопско било и останува да биде дел од најпознатата македонска свадба. Дополнително, создавањето на скопско како еден од најпознатите македонски брендови е процес во кој се вградени многу знаења, љубов и сто годишна традиција, рече на прес-конференцијата сениор бренд менаџерка за Скопско во Пивара Скопје, Марта Завкова. 

Во петок, од 21 часот,  кај Чешма Упија ќе се одржи целовечерен концерт во чест на 100 години од раѓањето на Александар Сариевски, со оркестарот на Танец и Стефче Стојковски и пејачите Наум Петрески, Благоја Грујовски, Сашо Гигов, Светлана Јовановска и Снежана (Сариевсак) Јовановиќ.