„Враќање дома“ со поддршка од SEE CINEMA NETWORK, Сашко Мицевски избран во Извршниот комитет


„Македонскиот филмски проект „Враќање дома“ (Returning Home), во режија на Саша Станишиќ, доби финансиска поддршка од 9.000 евра за развој на проектот во рамките на годишната програма на SEE Cinema Network за 2026 година. Одлуката беше донесена на Генералното собрание на мрежата, одржано во Солун.
SEE Cinema Network е регионална мрежа која ги поврзува националните филмски институции од Југоисточна Европа, со цел унапредување на регионалната соработка, развој на меѓународните копродукции и промоција на кинематографиите од регионот. Основана е во 2000 година, а преку своите годишни програми обезбедува поддршка за развој на долгометражни играни филмови.
Во рамките на годишниот повик за 2026 година, од Македонија беа поднесени осум филмски проекти.
Проектот „Враќање дома“, кој е поддржан и од Агенцијата за филм, се приклучува на низата македонски проекти што во изминатите години добиле поддршка од мрежата, меѓу кои се „17“, „Диџеј Ахмет“, „Пролетно чистење“, „Преекспонирано“, „Сестри“, „Мими“, „Исцелител“, „Деца на сонцето“, „Соба со пијано“ и други филмови.
На Генералното собрание беше избран и новиот состав на Извршниот комитет на мрежата. Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, беше предложен и избран за член на Комитетот. Во оваа улога, тој ќе учествува во утврдувањето и спроведувањето на стратегијата за развој на SEE Cinema Network во наредните неколку години.