Следната недела почнува комуникацијата на Развојна банка со комерцијалните банки за унгарскиот кредит
Министерството за финансии е овластено да ги префрли средствата од унгарскиот заем на Македонската банка за поддршка на развојот, која од следната недела треба да ја почне и комуникацијата со комерцијалните банки, со што практично почнува и проектот, односно кредитите за стопанството, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска во Општина Кисела Вода одговараше на новинарско прашање за кои се условите за земање на кредити од овој заем. Тој очекува најмалку 300 милиони евра инвестициски циклус и како што вели, со реаљалоцираните 500 милиони евра за проекти во општините ќе се инвестираат вкупно 800 милиони евра или 5 проценти од Бруто домашниот производ (БДП), ако се проектира на 16 милјарди евра.
– Секоја компанија ќе може да аплицира до десет милиони евра. Тоа е еден од условите, вториот е да има 20 проценти сопствено учество најмалку, минимум. Опфатени се сите оние проекти коишто ќе значат набавка, монтажа на основни средства за работа, софтвери. Проекти за капацитети од обновливи извори на енергија. Исто така се опфатени сите оние компании, кои што сакаат да инвестираат во административен простор, во магацински простор итн., бидејќи еден производен погон мора градежно да го затворите, ќе мора тоа да го изградите, вели Мицкоски.
Прашан конкретно што значи достава на фактура од страна на компаниите до банката до којашто ќе аплицираат, Мицкоски вели дека каква што била праксата досега, така ќе биде и во овој случај.
– Мислам дека банките бараат одредени документи, бизнис план итн. и кога ќе соберат едно портфолио го даваат до Македонската банка за поддршка на развојот и тие ослободуваат дел од средствата. Мислам дека така функционира тоа, но не ме држете за збор, иако мислам дека не сум далеку од вистината. Ако треба фактура-фактура, како било порано пракса на банките, така ќе биде и сега. Ние не можеме да бараме нешто што е надвор од праксата, еве ние како држава постигнавме историски најниска камата, изјави Мицкоски.
Премиерот, Мицкоски додаде дека вакви услови коишто се даваат на компаниите во земјава, ги нема ниту една компанија во регионот, без разлика дали е во Европската унија (ЕУ) или не е во ЕУ.