Следејќи ја ВИ, младо момче се загубило во канадската дивина
Младиот планинар Брајс Винсент Говрилук е спасен во канадските планини откако скршнал од планираната рута – следејќи погрешни насоки од вештачката интелигенција „Клод (Claude)“, па останал заглавен под стрмна карпа во покраината Британска Колумбија.
Минатата сабота, Говрилук (16) се качил со гондола на планината Граус, а потоа побарал од „Клод“ да му испланира рута до блиската планина Краун и назад. При планинарењето, насоките од чет-ботот го одвеле вон патеката кон Видоус Риџ („Гребенот на Вдовицата“ – Widow’s Ridge) – дел за чие минување се потребни опрема за качување, јажиња и внимателно планирање. Сфаќајќи дека теренот е премногу стрмен за да продолжи, тој се јавил кај мајка сѝ, а потоа и кај службите за итни случаи.
Тимот за спасување „Норт Шор рескју“ (North Shore Rescue) испратил хеликоптер, но поради близината на карпата, морале да спуштат двајца спасувачи за да го извлечат.
Тинејџерот бил пренесен во база за спасување близу браната Кливленд. Раководителот на операцијата за потрага, Пол Марки изјави дека момчето имало соодветна облека, чизми, батериска ламба, резервна батерија и храна, но не бил опремен за качување по карпи.
Надлежните упатија предупредување до планинарите да не се потпираат слепо на вештачката интелигенција при планирањето на своите рути.