Прифатени три кандидатури за претседател на СДСМ
Од пристигнатите четири пријави за претседател на СДСМ, биле прифатени три, изјави денеска пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, во одговор на новинарско прашање.
„Рокот за поднесување на кандидатури за претседател истече вчера, поднесени се четири кандидатури. Денеска согласно правилата заседаваше Централната изборна комисија и одлучија дека три кандидатури се целосни со сите потребни документи и услови согласно правилата и условите кои беа распишани, а една кандидатура не е и таа е отфрлена со одлука на Централната изборна комисија и кандидатот кој ја поднесе е известен за тоа“, рече Петровска, одговарајјќи на прашањето до каде е постапката за верификација на поднесените кандидатури.
Инаку, кандидатури за партиски лидер на СДСМ поднесоа Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Властимир Алексовски, член и активист на СДСМ од општинската организација на партијата од Куманово и Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони. Пријавата на активистот од Куманово, Властимир Алексовски, не е прифатена, бидејќи не ги исполнувал поропишаните услови.