Слави Трифонов пак го обвини премиерот Петков околу Македонија


 

Лидерот на бугарската партија Има таков народ повторно го обвини премиерот Кирил Петков дека се обидува да протурка политика која не била координирана во коалицијата, а се однесува на Македонија, Украина и еврото. И уште дека ги попречувал преговорите околу гасот.

Слави Трифонов на Фејсбук напиша дека претставниците на партијата која е носител на мандатот „ниту се консултираат со коалициските партнери, ниту слушаат што им се кажува, ниту фаќаат белешки, а често прават што сакаат. И многу често тоа не е добро за земјата“. Трифонов вели дека многумина од нив „непотребно зборуваат за теми што не ги разбираат“.

Како пример, Трифонов ги посочува вицепремиерот и министер за финансии Асен Василев и портпаролката на кабинетот Лена Бориславова, кои, според неговите зборови, „најнеочекувано се јавуваат“ на темата енергетика, нарекувајќи ги иронично „неверојатни експерти“ во оваа област.

Уверувањата на премиерот Кирил Петков викендов дека владата нема да направи ништо за Македонија без одобрение од парламентот, како и најавата дека заедничката седница на двете влади е одложена, очигледно не го убедија Трифонов. „Сите дознаа за нерегулираните обиди на Кирил Петков и неговите советници да го заобиколат националниот интерес“, напиша тој.

Лидерот на Има таков народ известува дека не е направено доволно за да се елиминира ГЕРБ од власт, што беше приоритет на четирипартитната. Како предупредување до своите партнери, тој постави низа реторички прашања: „Каде се ветувањата дека секој ден ќе расветлува по една измама на ГЕРБ? Каде се оние осум милијарди украдени пари? Дали е надминат моделот ‘ГЕРБ’“.