Славески предлага да се тргнат од дневен ред предлозите за екоавтобуси на Арсовска


Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, постојано велеше дека предлогот за задолжување за набавка на екоавтобуси, ќе се најдува како точка на дневен ред на секоја седница на Советот, додека советниците не решат да го изгласаат, но денеска, претседателот на Советот Трајко Славески, предложи таа точка и уште неколку други да се тргнат од дневен ред.

Славески, како член и претседател на Советот, на предлог на координативни тела, побара советниците да се симнат од дневен ред предлог-одлуката за долгорочно задолжување за набавка екоавтобуси, предлог-одлуга за давање согласност на Годишната сметка на „Градски паркинг“, покривање загуба на „Градски паркинг“ во 2022 година, усвојување на извештаите на јавните установи на Град Скопје за 2022 година.

Ирена Витина и Александар Трајановски, кои настапуваат како независни советници, прашаа врз основа на кој дел од Статутот се бара вакво повлекување на точките.

Сепак, на крај, советниците немаа мнозинство (максимум гласаа по 14 советници од 36 присутни советници) за поддршка на предлогот да се тргнат овие точки од дневен ред.

– Очигледно Советот е расположен за работа денеска – кометираше претседателот на Советот, Славески, по ваквиот резултат.

На денешната седница ќе се расправа и за иницијативата на Данела Арсовска до Советот  за враќање на името на улицата „Втора македонска бригада“ која претходниот состав на советот ја променил во „Адем Демачи“, а за која Владата дала согласност за промена.

Таа, минатиот месец, ги повика сите советници да гласаат за иницијативата  со која ќе се исправи неправдата кон 230 херои, припадници на Втората македонска бригада.