Скопската епархија нема пари за доизградба на црквата „Свети Константин и Елена“


Фото: Б. Грданоски

Скопската епархија при Македонската православна прква ‒ Охридска архиепископија соопшти дека нема доволно финснсики можности да го доизгради храмот „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје кој треба да се фрескоживописа за да се освети и стави во функција.

– Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија и Скопската епархија сметаат дека македонскиот народ и верниците заслужуваат храмот во центарот на главниот град да биде завршен и  да се подготви за осветување и да биде ставен во функција. Како прв чекор кон тоа, потребно е да се изработи фрескоживописот. Немајќи доволна финансиска можност за да го доизгради храмот, Скопската епархија изразува надеж дека во следниот период ќе се најдат благочестиви христијани кои ќе го помогнат довршувањето на храмот „Свети Константин и Елена“,  кој ќе биде гордост на градот и на МПЦ-ОА, наведува епархијата во допис до медиумите. 

Скопската епархија информира и дека ги подмирила сите долгови кон изведувачот на досегашните градежни работи и дека го има храмот во своја сопственост.
 

– Ги известуваме верниците и целокупната македонска јавност дека храмот „Свети Константин и Елена“, кој се гради во центарот на Скопје, е во целосна сопственост на Скопската епархија при Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија, се наведува во соопштението.