Скопска апелација ја потврди пресудата за Никола Груевски од 1 година и 6 месеци затвор за случајот „Насилство во Центар”


Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда на Кривичен суд Скопје за случајот „Насилство во Општина Центар”, во кој првообвинетиот Никола Груевски беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор, а останатите беа осудени на условни казни, односно алтернативни мерки. Воедно, скопска Апелација предметот „Тарифа” го врати на повторно судење.

„Второстепениот суд постапувајќи по жалбите од обвинетите и нивните бранители, изјавени против првостепената пресуда – К. Бр. 1904/16, од обвинителството означен како „Насилство во О. Центар“, од 29.09.2020 година, ги одбил жалбите како неосновани, а пресудата на Кривичниот суд се потврдува. Со пресудата седум обвинети беа огласени за виновни и осудени на: Н.Г. – затворска казна во траење од 1 година и 6 месеци, додека М.Ј., А.Т., Д.С., Д.Т., Т.П. и И.Б. на алтернативна мерка – условна осуда“, велат од Основен кривичен суд Скопје.

Предметот „Тарифа” пак скопска Апелација го врати на повторно судење

„КОК Ж бр. 50/20  со која Второстепениот суд ја укина првостепената пресуда – КОК бр. 51/17 од обвинителството означен како „Тарифа“ и предметот го врати на повторно судење, при што е заведен нов предмет со КОК бр. 123/21 за кој откако ќе биде насрочен термин за отпочнување со главната расправа, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени“, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.

Според првостепената пресуда во овој процес на тригодишни затворски казни беа осудени поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“, Дејан Бошковски и вработените Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорговски. Нив судот ги прогласи за виновни за злоупотреба на службената положба и овластувањето при набавка на софтверски систем за компанијата. Бошковски беше осуден за злоупотреба на службената должност како директор на АД „ЕЛЕМ”, додека Стојменовски и Ѓорговски за злоупотреба на службена положба и овластувања со потпишување и издавање сертификати, бидејќи наводно нанеле штета на компанијата од девет милиони денари.