Скопје во мрак, се штеди струја (Галерија)

Зградите на Владата, Собранието, министерствата, државните агенции и други институции воопшто не се осветлени. Се штеди струја


Фото: Б. Грданоски

 

За да ја намалат потрошувачката на електрична енергија, државните институции се обвиени во мрак.

Зградите на Владата, Собранието, министерствата, државните агенции и други институции воопшто не се осветлени. Може да се забележи само по некој осветлен прозорец, од портирница, канцеларија или скалите. Исклучени се и фасадните светла, а  сѐ друго е во мрак. 

Ако шетате по кеј, треба да бидете многу внимателни, особено од страната на обвинителството, каде има повеќе искршени плочки и неизрамнети сливници, затоа што воедно, ислкучени се и светилките на новите мостови.

Мост преку Вардар

Не се осветлени ни пешачките премини на булеварите и улиците, па ако не внимавате, може да удрите во некого. Единственото осветлување доаѓа од возилата што поминуваат по патот.

Од 1 септември стапија на сила мерките за штедење струја, а граѓаните и фирмите добија препораки. Овие мерки треба да траат до 31 март. Власта тврди дека со спроведување на овој план не треба да се очекуваат рестрикции на струја во Македонија.

Државните институции (министерства, Агенции, органи на државна управа) и државни претпријатија ќе имаат обврска да ја намалат потрошувачката на струја за 15 проценти, а ако тоа не се постигне следуваат одредени санкции за сите раководители на институциите. Тие пак имаат имаат обврска секој месец да доставуваат извештај за потрошувачка на струја.

Препораката за ЈП „Патишта“ е да почне со намалување на осветлувањето поставено на државните патишта до минимален сигурносен обем на осветлување на улици, плоштади и други објекти во земјава која ги опфаќа државните патишта.

Мрачни улици

Општините и Градот Скопје пак се препорачува да направат распоред, така што на половина од улиците и булеварите го исклучуваат јавното осветлување, наизменично, преку еден ден.

Во општините деновиве беа исклучувани светилки, па така сега, меѓу зградите и во парковите, свети секоја втора.

Од Градот Скопје рекоа дека по ниту една цена нема да го исклучат јавното осветлување на булеварите и сите делници коишто се под градска надлежност, а ќе се штедуи онаму каде што може, но не на штета на граѓаните.

Нашиот фотограф Борис Грданоски, синоќа прошета по центарот на Скопје. Од неговите фотографии може да ја доживеете штедливата атмосфера во главниот град.

Влада
Собрание
МЖСПП
Министерство за надворешни работи
Зградата на „Нова Македоија“ каде се сместени повеќе министерства
Порта „Македонија“
Кеј „Димитар Влахов“
Пешачки кај ГТЦ