Скопје во „филм“: Културна и музичка лекција на Софиската филхармонија (галерија)


Фото: М. Аргакијева

 

Стоечки овации, аплаузи, дофрлувања со браво. Скопје ќе го памети саботниот концерт на Софиската филхармонија и Националниот филхармониски хор со филмска музика што се дефинира како нова класична музика, со дела од Џон Вилијамс, Енио Мориконе, Ханс Цимер, Дмитриј Шостакович – композитори кои за 50, 80, 100 години ќе бидат симболи на класичната музика. Публиката беше во „филм“ додека ги слушаше некои од најголемите ремек-дела од филмовите како „Пиратите од Карибите“, „1492: Conquest of Paradise“, „Мисијата“, „Хари Потер“, „Индијана Џонс“ и „Војна на ѕвездите“.

Фото: М. Аргакијева

Нетипичен репертоар не само за публиката во Македонија, туку воопшто за публиката на нашето време. Сите ние сакаме филмска музика бидејќи изразува сензации, чувства преку средствата на класичната музика. За разлика од класичната музика на која сме навикнати во 20 век, овој тип на музика ги враќа своите идеи во корените на класичната музика – да нè натера да се чувствуваме, а не да размислуваме. Ова е нешто многу посебно затоа што она што многу ни недостасува во денешно време насекаде во светот е емпатијата. Овој тип на музика буди емпатија.

Фото: М. Аргакијева

Извонредните бугарски музичари под диригентската палка на маестро Најден Тодоров, кој во моментов е и министер за култура во службената влада на Бугарија и полната сала на Филхармонија покажаа дека не е сѐ мртво и безнадежно во односите на двете соседни земји. Чудесните уметници и гала настанот го одредуваат и најдобриот пат за надминување на тензиите меѓу двата соседни народа. А тоа е културата и меѓусебното почитување. И покрај личната покана од Тодоров, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, не присуствуваше на гала настанот, кој беше организиран со поддршка на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје.

Фото: Маја Аргакијева

Тодоров, кој во различни гостувања во Скопје, диригирал со Операта и Филхармонијата, но за првпат гостуваше со Софиската филхармонија, со која е длабоко поврзан, повеќе од три децении достигнува нови врвови во различни жанрови и се наметнува на најпрестижните сцени ширум светот. На крајот на 2022 година, неговите концерти во Богота со Националната филхармонија на Колумбија, со познатиот виолончелист Сантијаго Канон-Валенсија како солист, како и концертот со Симфонискиот оркестар на Санремо, доживеаја голем успех. Во ноември 2022 година со Софиската филхармонија тој гостуваше во Загреб, а во декември – во големата сала на Берлинската филхармонија.

Солист на концертот беше обоистот Владимир Лазаревски (Фото: М. Аргакијева)

Студирал диригирање кај Крстју Марев и Александар Владигеров, од 1993 година бил студент на Урош Лајовиц и Карл Остеррајхер на Универзитетот во Виена, во 1996 година специјализирал на Музичката академија „Рубин“ во Ерусалим кај Менди Родан. Магистрирал на Новиот бугарски универзитет, а докторирал на Универзитетот во Лондон.

Фото: М. Аргакијева
Фото: М. Аргакијева
Фото: М. Аргакијева
Фото: М. Аргакијева
Фото: М. Аргакијева
Маестро Тодоров со претставници на дипломатскиот кор во земјава (Фото: М. Аргакијева)
Фото: М. Аргакијева