Скопје се најде на листата „Градови на иднината“ на „Фајненшел тајмс“. Еве во која категорија


Главниот град на нашата држава, Скопје се најде на листата „Градови на иднината“ на ФДИ интелиџенс што ја објави „Фајненшел тајмс“, во групата градови со средна големина според критериумот за исплатливост на живеењето, односно ефикасноста на трошоците (Cost effectiveness), кој покажува можноста да се постигне посакуваниот исход со најниска можна цена. Според овој критериум, Скопје се најде на првото место, што значи дека е најповолен за живеење во однос на другите градови со средна големина, како на пример, Шисинау во Молдавија, Ескишехир и Сакарија во Турција, Дњепар во Украина и тн.

Нашата земја се најде на листата ФДИ интелиџенс уште еднаш, при рангирањето на регионите со мала големина, каде што Скопскиот статистички регион е рангиран на четвртото место, исто така според исплатливоста на живеењето, во друштво на повеќе бугарски региони, како провицијата Русе, Стара Загора, Бургас, Варна и тн.

Инаку на листата европските градови и региони на иднината во 2024 година во одделните категориите големи градови, средни градови и мали градови, победија Франкфурт, Вроцлав и Луксембург.

Лондон го потврди првото место во категоријата најголеми градови. Барселона се издвојува како главен град по стратегијата за привлекување СДИ. Во категоријата региони, парискиот регион (Île-de-France) победи меѓу големите региони, додека Северна Холандија и регионот Даблин исто така се претставија многу добро.

Беа оценети дури 330 европски градови поделени според бројот на жители во пет групи – најголеми, големи, средни, мали и микро градови, како и 141 европски регион поделени во три групи – големи, средни и мали региони.

Местата се рангирани според перформансите во пет подкатегории: економски потенцијал, отвореност за бизнис, поврзаност, човечки капитал, начин на живот и профитабилност. Постои и дополнителна категорија – стратегија за СДИ, која се однесува на промоција на инвестициите. Жирито разгледа 117 апликации од градови и региони низ Европа.

Градови на иднината

Лондон, Амстердам и Даблин остануваат на врвот во категоријата најголеми градови.
Податоците покажуваат дека главниот град на Велика Британија е најдобриот европски град за достапност на таленти и начин на живот. Тој е меѓу најдобро поврзаните градови, нуди најдобро деловно опкружување и има најголем економски потенцијал од сите поголеми европски градови. Следува Амстердам поради слична комбинација на достапност на таленти, поврзаност, деловно опкружување и економски потенцијал, додека Даблин е на третото место главно поради неговиот економски потенцијал.

Остатокот од рангирањето го сочинуваат Варшава, Париз, Минхен, Мадрид, Берлин, Стокхолм и Барселона.

Во категоријата градови со средна големина, полски Вроцлав го освои првото место, минатогодишниот победник, Цирих втор, а Вилнус трет.

Во категоријата мали градови прв е Луксембург Сити, а во категоријата микро градови е швајцарскиот Цуг.

Региони на иднината

Парискиот регион (Île-de-France) го повтори своето прво место во категоријата големи региони. За само неколку месеци ќе биде домаќин на Олимписките игри во 2024 година, за кои градат низа нови инфраструктури кои уште повеќе ќе ја зголемат нејзината конкурентност. Западен Мидленд во Англија беше втор, Северна Рајна Вестфалија во Германија трета.

Остатокот од рангирањето во таа категорија го сочинуваат Каталонија, потоа италијанските региони Емилија-Ромања, Пиемонте и Ломбардија и регионот Мадрид, Шлезија во Полска и Андалуција во Шпанија.

Во категоријата региони со средна големина, Северна Холандија повторно го освои првото место; а во категоријата мали региони прв регион е Даблин.

Од регионот, на листата се најдоа и повеќе градови и региони од земјите во соседството. Така, два хрватски града и еден регион се на листата на градови и региони на иднината. Поточно, тие го зазедоа своето место во топ 10 во една од петте категории на перформанси.
Загреб го зазеде 10-тото место во категоријата економичност меѓу главните градови на Европа. Самата Хрватска беше спомната, заедно со Литванија, како една од земјите со голем раст на нови старт-ап компании.


Јастребарско беше рангирана на 10-то место во категоријата микро-градови во категоријата стратегија за СДИ, која се однесува на промоција на инвестициите. Крапинско-загорската жупанија исто така беше во истата категорија, заземајќи го 6-то место меѓу малите европски региони во иднина.
Има и градови и региони од Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија…

Целата листа е достапна на следниот ЛИНК.