Скопје никој не помислува да го посети за Нова година

Безнадежно е дека главниот град некогаш може да биде посакувана туристичка дестинација


Фото: Б. Грдансоки

 

Едно, навидум обично, анкетарско прашање, за сите што не се од Скопје „Зошто би го посетиле Скопје? Кои туристички места и културни знаменитости би ги посетиле“, на Фејсбук групата „Патувања низ Македонија“, ни ја открива сета безнадежност дека главниот град некогаш може да биде посакувана туристичка дестинација.

Одговорите на луѓето се на релација од „Само ако морам до Клиника или некоја приватна болница“, до „За да завршиме некоја работа по институциите“ или „само по потреба“ и ироничното „Дека е прв по загаденост во светот“. Секако, не беше испуштена посетата на „Скопје сити мол“, „Ист гејт“ и „Веро Џамбо“, што пак од Скопје не прави туристичка дестинација, туку шопинг дестинација.

Фото: Б. Грданоски

Загрижува и тоа што во ниту еден коментар, никој не вели – за да ги посетам роднините.

Во помалку од 24 часа, има повеќе од 150 коментари, а само во еден коментар можеа да се прочитаат некои знаменитости кои некој од внатрешноста би сакал да ги посети.

Ваквите коментари, дел од нив и недолични, ги испровоцираа скопјани, иако прашањето не се однесуваше на нив, да им кажат на луѓето од внатрешноста да си останат таму каде што се, да не доаѓаат во Скопје и оние кои се преселиле да си се вратат назад, затоа што, токму поради нив Скопје е загадено и со метеж во сообраќајот.

Сообраќаен метеж (Фото: Б. Грданоски)

Коментарите кои велат дека Скопје е загадено поради пренаселеност (токму од оние кои мигрирале од градовите во внатрешноста во главниот град), беа ставени под прашалник од еден член на групата кој вели дека Истанбул е 18 милиони и не е загаден.

Но, што покажува ваквата дискусија на скопјани со „провинцијалците“? Дека Скопје не е посакувана дестинација за никого. Вината не може да се префрли ни на оние од внатрешноста, ни на скопјани, туку на сите досегашни власти кои се обиделе да го стават градот на листата посакувани дестинации, со повод – како Нова година, до без повод – за прошетка.

Елка на плоштад за дочек на 2023 година – Фото: Б. Грданоски

Дека во Скопје има што да се види покажува и коментарот на еден член кој наброја дваесетина места кои можат да се посетат во Скопје, а вели има уште, но да не набројува.

„Епа еве ти предлог:
-Парк-шума Гази Баба
-Излетничко место Крст
-Кучковски водопади
-Кањон Матка со пештерите Врело и Подврело
-Црквата Св. Спас со гробот и музејот на Гоце Делчев
-Скопско кале
-Скопски Аквадукт
-Археолошки локалитет Скупи
-Хавзипашини конаци
-Учителската школа во Дебар Маало
-Паркот на езерата во Аеродром
-Улицата на Тоше Проески
-Водно со Милениумскиот крст
-Средно Водно со манастирот Пантелејмон, еден од најстарите во Македонија и местото каде што се снимаа Македонските народни приказни

Кеј – Фото: Б. Грданоски

-Кејот покрај реката Вардар
-Стара скопска чаршија
-Музеј на Град Скопје
-Археолошки музеј
-Природонаучен музеј
…има уште, ама сега за сега доста ти се овие.
Се надевам дека те примамив да го посетиш Скопје“, пишува тој.

Дел од овие дестинации се во центарот на Скопје и до нив може да се дојде со обична прошетка, но до дел од дестинациите треба превоз, а тој изостанува. Треба да се оди со автомобил, кој пак, можеби ќе нема каде да го оставите, а да не зборуваме за странски туристи кои би дошле во Скопје со авион, автобус или воз. Тие ќе треба да изнајмат автомобил за да појдат, на пример, до Матка. Градските автобуси за таму се толку ретки, што порреално е да се рече дека ги нема. За информации пак, како да стигнете до таму, ќе треба да ги прашате локалните жители, оти официјално место за туристички информации нема.

Фото: Б. Грданоски

За аквадуктот, иста приказна, а и кога ќе стигнете таму, ќе се разочарате од неодржувањето и пустелијата што ќе ја начекате. Иако, Калето се гледа од повеќе делови на Скопје, разочарувачка е состојбата што ќе ја начекате таму. И откако ќе се разочарате од повеќето места кои сте решиле да ги посетите, тешко дека ќе препорачате на друг да го посети Скопје во кое било време од годината. Веројатно ќе останете да прошетате по скопскиот плоштад, до кој ве води улица „Македонија“, ама ниту сте да ја наведнете главата, ниту да ја исправите. Со главата ничкум, ќе ги забележите сите дупки во плочникот, а со главата високо подигната ќе ја забележите измаглицата од смог.

Улица „Македонија“ (Фото: Б. Грданоски)

Еве, Нова година се ближи. Сите туристички понуди се всушност резервации во кафеани, кафулиња и дисокитеки. Годинава, Градот не се одважи ниту да објасни зошто толку доцна китеше (и тоа накитеното е дискутабилно и жално), ниту пак дали воопшто ќе има прослава на плоштад. Кој ќе пее пак, ќе слушнеме денеска од естрадата, не од градската мајка.

И да не се чудиме потоа како луѓето помислуваат и слават Нова година во Рим, Париз, Барселона (авионските карти се преевтини), или пак поблиску или во соседството во Белград, Будва, Виена, Будимпешта, Солун, Софија…

Па во Белград, нашите луѓе одат и само за да прошетаат по „Кнез Михајлова“ до Калемегдан, во Виена да го посетат дворецот „Шенбрун“, во Загреб за Максимир, во Солун за пристаништето и шопинг, во Будимпешта за зоолошката…

Зошто да (не)се посети Скопје, па и за Нова година?