Скопје ќе го слави духот на Евросонг во Сули ан: „Обединети во нашите различности“

Амбасадите на Швајцарија, Германија и Шведска во Скопје организираат заеднички настан по повод годинешниот 69.Евросонг, кој ќе се одржи на 16 мај (четврток), од 20 часот, во културно-историскиот амбиент на Сули Ан, во рамки на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје.
Настанот ќе биде одбележан со евровизиска музика и забавна програма, а се организира како симболичен вовед во финалната вечер на Евровизија на 17 мај, што оваа година се одржува во Базел, Швајцарија, под мотото „Обединети во нашите различности“.
Настанот е бесплатен и отворен за сите љубители на музиката, културата и европските вредности.
Евросонг почнува на 13 мај, со првото полуфинале, и на 15 мај, второто полуфинале. Македонија трета година по ред, не учествува на престижниот музички настан, од финансиски причини, ама МРТ ќе врши директен пренос од сите три вечери, а коментатор ќе биде Александра Јовановска, новинар и уредник во МТВ, која низ годините беше и шеф на прес-службата на македонската евровизиска делегација.
38-те земји ќе се натпреваруваат за победа и организација на Евросон, следната година. Се очекува да пристигнат половина милион фанови, подготвени да уживаат во музика, свечености и прослава на европското единство – сè под будни, но дискретни безбедносни мерки во Базел. За дизајнот на прекрасната и импресивна сцена во црквата Св. Парк Јакоб, е одговорен искусниот германски продукциски дизајнер Флоријан Видер. За тоа, тој бараше инспирација од прекрасните швајцарски планини и јазичната разновидност на земјата, а неговата цел беше да создаде револуционерен сценски концепт кој обезбедува сеопфатно искуство, овозможувајќи и на публиката да се чувствува како дел од настанот. Се состои од голем главен дел кој се протега кон средината, односно кон публиката, опкружен со LED лак, кој ќе создаде импресивно и динамично визуелно доживување.
Целокупниот визуелен идентитет на Евросонг, наречен „Единството ја обликува љубовта“, е дизајниран од уметничкиот директор Артур Дејнев.