Скопје ќе го памети првиот настап на Емили Санде – силни емоции и емотивни пораки (фото)
Шкотската музичка ѕвезда Емели Санде викендов за првпат настапи во Македонија, приредувајќи незаборавна музичка вечер во арената „Борис Трајковски“ во Скопје,во организација на „Прагма продукција“. Како домашна поддршка на сцената настапија бендот „Дупер“ и пејачката Мијата.

Од светските хитови и извонредниот вокал на Емели Санде, преку модерниот поп-звук на Дупер, до авторската оригиналност на Мијата, публиката доби концертно доживување кое излегува од рамките на вообичаените музички настани.

Санде, за време на концертот, споделуваше лични приказни и емотивни пораки. На почетокот од концертот ѝ се заблагодари на публиката за присуството и поддршката, најавувајќи вечер исполнета со „песни на надеж и за душа“.

Стана светски позната по нејзиниот деби-албум „Our Version of Events“ (2012), кој стана еден од најпродавените албуми во Велика Британија и ѝ донесе бројни престижни награди (вклучувајќи ги BRIT Awards). Нејзината музика ги комбинира соул, Р&Б и госпел жанровите, а препознатлива е по нејзиниот моќен и емотивен вокал. Досега има продадено милиони албуми и остварено голем број меѓународни хитови.


