Скопје ја сака Каролина – два полни концерти со најубавите хитови


Каролина Гочева – Корубин одржа два полни концерти викендов во скопскиот клуб „Пјур“.

Поводот беше 1 март, како еден од нејзините хитови кој се вика „Први март“, а поп-ѕвездата на шега кажа дека овој ден го чувствува како свој празник.

„Последниве години, повеќе пораки добивам на први март отколку на мојот роденден“, рече Каролина на почетокот.

Фото: Инстаграм

Нејзините концерти се еднакво успешни и посетени и во поголеми сали и во клубови, и во помали сали и во поинтимна атмосфера, како Филхармонијата и Операта, каде што на крајот од 2022 и во почетокот на 2023 одржа седум концерти со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски. Каролина настапува и под ѕвездено небо, на Стадионот на АРМ, ги има наполнето и „Борис Трајковски“ и некогашниот Скопски саем, и Универзалната сала , а сега има концерти во поголеми клубови или на гала отварања. По Скопје, ќе пее во Гевгелија со репертоар од најголемите хитови. Каролина не се појавува по секоја цена, а кога закажува концерти, брзо се распродаваат. Организаторот „Авалон“ секогаш се грижи концертите да бидат со сериозна, светска продукција, светло и звук – какви што доликува на ѕвезда како Каролина.

Фото: Инстаграм

Весела, расположена и разиграна, во розови различни фустани, на двете вечери, поп-ѕвездата ги избра најубавите песни, од „Ќе биде сѐ во ред“, до „Ајде да летаме“, „Само за тебе“, дуетот со Врчак од 1990-тите, но и „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ од Тоше Проески, која станува редовен дел од нејзината програма.

Каролина настапи со комплетен бенд и со придружните вокали Ана Костадиновска и Сара Пројковска.