Скопје е регионален центар на литературата: Се одржува „ПРО-ЗА Балкан“со врвни автори


Миљенко Јерговиќ/ Фото: Б. Грданоски

Авторите Мирча Картареску, Јоана Николае, Анте Томиќ, Миљенко ЈерговиќОливера Ќорвезироска, и издавачите Гојко Божовиќ, Диана Матулиќ и Андреј Хочевар, се гости на Интернационалниот литературен фестивал кој се одржува на повеќе локации во Скопје

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ беше отворен синоќа во  Даут-пашиниот амам во Скопје. Врвни автори од регионот, како и домашни автори се гости на фестивалот, кој ќе трае до 22 септември.

Фото: Б. Грданоски

Лауреатот на наградата „Прозарт“ за авторски придонес на литературата на Балканот и најпреведуваниот современ романски автор, Мирча Картареску, е во друштво на романската писателка Јоана Николае, познатиот хрватски писател Анте Томиќ, најчитаниот автор во регионот Миљенко Јерговиќ и домашната писателка и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска, кои беа претставени синоќа, на првата фестивалска вечер.

Најпреведуваниот современ романски автор, Мирча Картареску/ Фото: Б. Грданоски

Со нив разговара македонските писатели: Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.

Гости на отворањето беа и тројца членови на програмата „Скопје фелоушип“ – српскиот поет, есеист, литературен критичар, уредник, издавачи потпретседател на српскиот ПЕН центар, Гојко Божовиќ, хрватската уредничка и основачка на литературната агенција „Корто“, Диана Матулиќ и словенечкиот литературен агент Андреј Хочевар од„Гога Паблишинг“. Фестивалот го отвори Дејан Трајкоски. Модератор е Александра Јуруковска.

Миљенко Јерговиќ и Александар Прокопиев/ Фото: Б. Грданоски

Денес, на вториот фестивалски ден, во 13 часот во Europe HouseSkopje ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата во време на пост-вистината“, на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на Скопје fellowship програмата, а ќе ја модерира Владимир Јанковски. Поради ковид-протоколите, настанот е затворен за публика, но ќе биде овозможен пренос во живо преку фејсбук-страницата на фестивалот. Традиционално, фестивалот организира средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонската асоцијација на издавачите и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.

Јоана Николае од Романија/ Фото: Б. Грданоски

Вечерва во 20 часот,во Кинотека на Северна Македонија, ќе биде прикажан филмот „Устав на Република Хрватска“ од сценаристот и писател Анте Томиќ, во режија на Рајко Грлиќ. Предвиден е разговор меѓу Томиќ, Јерговиќ и Прокопиев.

Фестивалот ќе биде затворен утре, 21 септември во Даут-пашиниот амам, со доделување на наградата „Прозарт“ и обраќање на лауреатот Мирча Картареску. Писателите ќе читаат извадоци од нивните дела, а ќе следи и експериментална звучна импресија од филмот на Грлиќ во изведба на Гоце Јованоски и Андреа Мирческа. Калин Терзиски ќе се претстави со видео читање на дел од неговото творештво на затворањето на фестивалот.

Фото: Б. Грданоски

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, на 22 септември во книжарницата „Буква“, Александар Прокопиев ќе го претстави Гојко Божовиќ и двајцата ќе говорат за еден од најголемите писатели од овие простори во втората половина на 20 век, Данило Киш и ќе го промовираат и македонскиот превод на книгата „Рани јадови“ од Киш.

Оливера Ќорвезироска/ Фото: Б. Грданоски

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“, а е поддржан од ТРАДУКИ, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија, Град Скопје, амбасадата на Романија, центарот „Спона“ и од Кинотеката.

Фото: Б. Грданоски