Скопје да стане град каде секој учесник во сообраќајот се движи сигурно и без страв
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, учествуваше и се обрати на Националната конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
На конференцијата се дискутираше за клучните предизвици и потребата од унапредување на меѓуинституционалната соработка, со цел подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот во урбаните и руралните средини.
Во своето обраќање, градоначалникот Ѓорѓиевски ја истакна важноста на системските решенија, модерната инфраструктура и координираниот пристап за создавање побезбедно, современо и функционално Скопје.
„Дискутиравме за унапредување на меѓуинституционалната соработка како и за размена на добри практики и искуства, а со цел подобрување на безбедноста во урбаните и руралните средини. Скопје, е срцето на државата. Економски, културен и социјален центар, град во кој секојдневието е динамично, а сообраќајот претставува вистински предизвик. Секој возач, велосипедист или пешак носи дел од одговорноста за безбедноста на улиците“, рече Ѓорѓиевски.
Бидејќи Скопје е голем сообраќаен јазол, со огромна патна инфраструктура и поврзани домашни и меѓународни патишта и автопати, за да функционира оваа сложена мрежа, потребни се системски, професионални и координирани решенија.
ЈП „Улици и патишта“, ЈСП, Градски паркинг, сообраќајната полиција, факултетите, училиштата, техничките центри и невладиниот сектор мора да работат како една целина, а со цел улиците да бидат безбедни и функционални за сите граѓани, смета Ѓорѓиевски.
„Безбедноста во сообраќајот не се сведува само на семафори или пешачки премини, туку тоа е цел систем кој ги менува навиките, односот и свеста на учесниците во сообраќајот. Брзото возење, непочитувањето на правилата и игнорирањето на пешачките премини мора да станат исклучок, а не секојдневие. За тоа е потребна постојана координација меѓу сите чинители – институции, јавни претпријатија, граѓаните и медиумите. Огромен придонес во зголемувањето на безбедноста ќе има новиот Safe City систем“, додаде градоначалникот.
Системот веќе почна пробно да функционира преку опомени, но од Нова година ќе почне и да ги казнува несовесните возачи.
„Со ова системско решение директно ќе се намалат прекршоците, ќе се поттикне култура на одговорно возење и ќе се обезбеди сигурност на улиците за сите. Во насока на зголемување на безбедноста и растоварување на сообраќајниот хаос, градот Скопје ќе има клучна улога“, смета Ѓорѓиевски.
И проектите како кружниот тек и подземната сообраќајница кај „Лимак“, двата кружни тека кај „Тобако 2“, новото решение во Бутел кое ќе ја подобри проодноста и безбедноста кон Радишани и Чучер Сандево, модерното сообраќајно решение со кружен тек во центарот на Ѓорче Петров, како и новата клучка на источниот влез на градот кај Хиподром, се во таа насока.
„Ова се дел од нашата визија „Нула несреќи“ со која до 2030 година ќе реконструираме и унапредиме 50 опасни крстосници и улици по европски стандарди, за Скопје да стане град каде секој учесник во сообраќајот се движи сигурно и без страв. Нашата цел е Скопје да биде град побезбеден од просекот на главните градови во Западен Балкан“, заклучува Ѓорѓиевски.