Скопје цело поплавено – градоначалничката Арсовска свика итен состанок на Кризниот штаб


Фото: Б. Грданоски

По невремето кое го зафати Скопје, градоначалничката Данела Арсовска свика итен состанок на Кризниот штаб на Град Скопје. Ова го соопштија од Град Скопје.

Има информации од Скопско за поплавени улици, паркинзи, подруми, гаражи, паднати покриви од згради, паднати билборди, многу искршени дрвја кои паднале и врз автомобили и слични случаи предизвикани од невремето…

Фото: Б. Грданоски

Од службата за итна медицинска помош за МИА велат дека добиле пријави за повредени граѓани, но оти засега не се евидентирани посериозно повредени.

Од Центарот за управување со кризи, пак апелираат дека граѓаните треба да имаат разбирање оти службите реагираат по приоритет. Информираат дека на телефонот 112 граѓаните може да пријавуваат паднати дрва, откорнати кровови, заглавени возила, поплавени простории.

Граѓани известуваат и дека сообраќајот на излез од градот кон Аеродромот Петровец е целосно блокиран со часови.

Фото: Б. Богдановска

Од ЦУК информираат дека освен Скопје, од невреме попладнево се зафатени и Штип, Велес, Демир Хисар, Свети Николе.

УХМР најави дека нестабилното време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер ќе се задржи до петок, особено во попладенвните часови. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер и услови за појава на град. 

Фото: Б. Богдановска