Скопјанец крвнички ја тепал партнерката, а гостин му помагал


Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје поднесе Обвинителен предлог против две лица.

-Првиот Обвинителен предлог е против 46-годишен скопјанец за кривично дело – „тешка телесна повреда“ додека вториот е против 34-годишно лице за кое во текот на претходната постапка беа обезбедени докази дека со умисла му помагало на првиот обвинет да го стори семејното насилство, информира ОЈО – Скопје.

Обвинителството ги објави и деталите од насилството кое се случувало во семејството на скопјанецот.

-На 29 мај, во својот дом на улицата „Партение Зографски“, обвинетиот тешко телесно ја повредил својата вонбрачна партнерка, така што без особен повод и причина, физички ја нападнал и почнал да ја удира со шлаканици во пределот на лицето и главата и со клоци во пределот на екстремитетите, во пределот на бедрата и кај градниот кош под градите.

Вториот обвинет во тоа време бил присутен во домот на обвинетиот, но не презел ништо да ја заштити жртвата, туку напротив му давал совети и упатства како да го изврши кривичното дело. Во домот била присутна и мајката на првообвинетиот, која се обидела да ја одбрани жената од физичкиот напад, но вториот обвинет ја запрел, обраќајќи ѝ се со зборовите “остани настрана, сами нека го решат проблемот тоа е нивнa личнa работа”. Дополнително, второобвинетиот во моментите на физичкиот напад го бодрел сторителот со зборовите “ако треба заедно со мене ќе ја издржиме казната”. Од многубројните удари, оштетената се здобила со тешки телесни повреди набиеници, подливи и мултифрагментарна скршеница на носните коски, соопшти Обвинителството.

На првообвинетиот му е продолжена притворската мерка, додека предлог за определување мерка притвор беше поднесен и за вториот обвинет, но судот не го прифати предлогот на обвинителот и не определи мерки.