СЈО: Нерешниот статус ќе создаде проблеми со работниот однос на вработените лица
Специјалното јавно ообвинителство преку писмен допис до медиумите упати загрижување вовврска со нивниот нерешен статус. Тие велат дека сè уште не добиле писмен допис од Јавното обвинителство за да можат да известат дали и како ќе се постапува со предметите кои тие ги водеа.
„Во оваа прилика сакаме уште еднаш да ја изразиме нашата загриженост поради фактот што до овој момент ниту е избран јавен обвинител кој ќе ја замени Јанева, ниту пак е донесено ново законско решение со кое што ќе се регулира статусот на ова Јавно обвинителство. Потсетуваме дека мандатот на СЈО е до 15 септември 2020 година, до кога продолжуваат работниот однос на вработените во Обвинителството и тековните обврски на институцијата. Отсуството на регулатива за тоа што ќе се случува со вработените, тековните обврски, архивата и материјалите со кои располага Обвинителството, во ситуација кога нема раководно лице на институцијата, ќе доведе до реални проблеми во остварувањето на правата од работен однос на вработените лица и намирување на обврските на институцијата, а воедно ќе отсуствува и контрола на спроведувањето на безбедносните процедури поврзани со сите материјали со кои располага Обвинителството“, се вели во соопштението.