Светлана Мојсов ќе одржи предавање во МАНУ
Светски реномираната научничка и истражувачка во областа на биохемијата, Светлана Мојсов денеска напладне ќе одржи предавање во Македонската академија на науките и уметностите.
Темата на предавањето е „„GLP-1: Хемијата е од суштинско значење: Од потенцијален пептид до ефикасни лекови за дијабетес и дебелина“,
-Македонската академија на науките и уметностите има чест да ве покани на пристапното предавање на проф. Светлана Мојсов, член на Академијата надвор од работниот состав, на тема: „GLP-1: Chemistry matters: From a Putative Peptide to Effective Medicines for Diabetes and Obesity“ („GLP-1: Хемијата е од суштинско значење: Од потенцијален пептид до ефикасни лекови за дијабетес и дебелина“) – се наведува во најавата на МАНУ.
Пригоден говор на настанот ќе одржи академик Димитар Ефремов.
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во саботата на свечена церемонија ја одликуваше светски реномираната научничка и истражувачка Мојсов, со Орден „8 Септември“, за нејзиниот извонреден и фундаментален придонес кон светската наука и афирмацијата на државата во меѓународните интелектуални кругови.
Сиљановска-Давкова во обраќањето ја истакна нејзината долгогодишна научноистражувачка работа, особено нејзиниот придонес во синтезата на пептиди и истражувањата поврзани со глукагонот и глукагон-сличниот пептид 1 (GLP-1), врз кои денес се базираат терапии за дијабетес и дебелина.
_m9S63YpAD/large.webp?use_watermark=1)
Светлана Мојсов е родена на 8 декември 1947 година во Скопје. Основното и средното образование ги завршила во родниот град, а во 1971 година дипломирала физичка хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Белград.
Во 1972 година се запишала на докторски студии на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк, каде што работела под менторство на Брус Мерифилд. Докторирала во 1978 година, а нејзините истражувања се фокусирале на синтеза на пептиди во цврста фаза, што кулминирало со синтезата на панкреасниот хормон глукагон.
Во 1983 година се преселила во Бостон и започнала работа во Одделението за ендокринологија на Општата болница во Масачусетс. Во соработка со Џоел Хабенер и Гордон Вир, учествувала во истражувањата што довеле до идентификација на глукагон-сличниот пептид 1 (GLP-1), хормон кој го стимулира создавањето инсулин и има значајна улога во метаболизмот на глукозата.
Во 1990 година Мојсов се вратила на Рокфелеровиот универзитет, каде што е избрана за доцент, а од 2002 година е вонреден професор за истражување.
Нејзината работа во областа на биохемијата и истражувањето на GLP-1 има значајно влијание врз современиот третман на дијабетесот и дебелината, а како резултат на повеќедецениската научноистражувачка работа произлегле и девет значајни патенти.