Сите во коалицијата застанаа јасно зад СДСМ, освен ЛДП и ДОМ


Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, изјави дека ќе оставеле на граѓаните сами да  одлучат за кого ќе гласаат

 

Партиите што се во коалиција со СДСМ денеска порачаа дека остануваат заедно и ги повикаа нивните членови и симпатизери во вториот круг да гласаат за нивните кандидати за градоначалници. Нивната поддршка е јасна, освен онаа на ДОМ и ЛДП, кои се чини со една нога се внатре, а а со другата надвор од владејачката коалиција.

Беса соопшти дека владината коалиција е стабилна „без разлика што на многу места во вториот круг се натпреваруваме меѓу себе“. Според Беса, владиното мнозинство работи исклучиво во интерес на граѓаните на демократскиот и европскиот пат.

Демократскиот сојуз ги повикува своите членови и симпатизери, како и сите граѓани, на 31 октомври, да излезат масовно и да гласаат за кандидатите за градоначалници на коалицијата предводена од СДСМ.

„Остануваме цврсто определени за реформите кои обезбедуваат да останеме на патот кон Европската унија, да јакне стабилноста и економскиот развој. Демократскиот сојуз како дел од стабилното владино мнозинство, цврсто стои на ставот дека треба да продолжиме заедно со цел Македонија да се движи напред“, велат од партијата на Павле Трајанов.

Партијата на пензионерите објави дека нивното учество во владиното мнозинство воопшто не се доведува во прашање. Во име на почнатите и незавршените реформи, интеграцијата и европеизацијата на земјата, нема отстапки од договорот постигнат во рамки на коалицијата, велат оттаму.

И од Демократската партија на Турците порачаа дека остануваат дел од владејачката коалиција, а шпекулациите околу стабилноста на владиното мнозинство го оценија како манипулација на јавното мислење.

НСДП соопшти дека останува дел од владејачката коалиција и по локалните избори. „НСДП е цврста и единствена во одлуката за останување во владејачкото мнозинство и продолжување по политичкиот пат кој води кон прогрес на државата, за активно партиципирање во креирањето и спроведувањето на национални и локални политики кои се во функција на интересот на сите граѓани“, велат од НСДП.

ВМРО-Народна исто така ја поддржа коалицијата велејќи дека има стабилно парламентарно мнозинство, дека мора да го реализира до крај зацртаниот пат кон конечна интеграција на државата во ЕУ. Тоа може да го направи само со цврста волја и стабилен тим кој го поседува токму коалицијата „Најдоброто за нашата општина“.

Вакви тонови не се слушаат од ЛДП, чиј лидер Горан Милевски е министер за локална самоуправа. Од ЛДП и ДОМ (кои настапија заедно на локалните избори) велат дека нема потреба да им кажуваат на граѓаните за кого да го дадат својот глас во вториот круг, велат дека гласачите се доволни интелигентни за да одлучат.

„Ние сметаме дека граѓаните се доволно интелигентни, а нашите гласачи доволно паметни за да ги насочуваме за кого да гласаат“, изјави денес Милевски. Според него, секое јавно објавување поддршка би значело дека тие се пазарат за нивните гласови. „Ние ќе оставиме овие граѓани слободно да си го искажат гласот за оној којшто сметаат дека е најдобар да ја води конкретната општина“, рече Милевски. 

Тој најави дека по вториот круг ЛДП и ДОМ ќе разговарале со премиерот Зоран Заев за промена на политиката, затоа што граѓаните ја казниле владата.