Сите во Европа импровизираат, само Македонија има вистински мерки, тврди Мицкоски
Остар дуел меѓу премиерот и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во Собранието
Не само што е „трета економија во Европа#, туку Македонија единствена имала вистински мерки за смирување на кризата преку, а сите други во Европа прават импровизација. Вака премиерот Христијан Мицкоски ја пофали својата влада на денешните пратенички прашања во острата размена со претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче ја обвини дека владата не реагирала навреме на растот на цените предизвикани од глобалните превирања, што довело до поскапување на основните продукти за 5 до 10 отсто, додека кај овошјето и зеленчукот растот е над 200 проценти.
„Апелиравме владата да преземе навремени мерки за да не започне спиралата на зголемување на цените. За жал, законите за намалување на ДДВ на горивата и патарините не беа изгласани“, рече тој.
Филипче потстети на мерките на владите на СДСМ, за време на ковид-кризата или по почетокот на војната во Украина.
„Во време на менаџирањето на кризите Украина, ковид-кризата, имаше и дополнителни мерки кон одредени категории на граѓани. Имаше субвенција за плати, имаше субвенција за пензионери од 1.500 до 3.000 денари, имаше ваучери студентски од 1.500 до 2.000 денари. На луѓето им е потребна директна финансиска помош. Мерките коишто сега се предлагаат апсолутно немаат никаков ефект, односно граѓаните не ги чувствуваат“, рече Филипче и го праша премиерот зошто не ги прифаќаат мерките што навистина ќе дадат ефект и дали планираат нешто да преземат сега, а не по велигденските празници.
Премиерот Мицкоски ги отфрли обвинувањата нагласувајќи дека актуелната влада генерира реален раст на БДП од 3,5 отсто, што е двојно повеќе од периодот на претходната власт. Тој додаде дека токму мерките за намалување на ДДВ на нафтата придонеле Македонија да има една од најниските стапки на инфлација во регионот.
„Кога правите споредби, треба да знаете дека ги потсетувате граѓаните на најлошите времиња во македонската историја на политичката сцена. Времиња полни со криминал, времиња полни со корупција, банди што хараат во Скопје. Времиња во коишто се запалуваат модуларни болници. Времиња во коишто Македонија плаќаше рекет во еден локал во Југоисточна Македонија“, рече тој.
Премиерот истакна дека единствената држава што учествува од буџетот во мерките е токму нашата и ниту една друга во Европа и, како што рече, сите други прават импровизација. „Ја спомнавте Хрватска, како и нафтата во Хрватска. Нафтата во Македонија е едно и пол евро за литар, а во Хрватска 1,81 евро за литар“, нагласи Мицкоски.
На тоа Филипче реагираше дека очекувал таков одговор: „Не можете да ги убедите граѓаните, тие ќе го кажат својот глас на изборите. Наместо за стандардот, вие се грижите само за тендерите на вашите блиски луѓе и бизнисот со струја. Така што граѓаните гледаат, знаат како живееле во тоа време, знаат како живеат во ова време. На некој следен изборен циклус ќе го кажат својот глас. Ваква влада ние не заслужуваме“.