(ВИДЕО) Сите услуги на ПОЦ достапни преку веб-платформа


Фото: Б.Грданоски

ЈП ПОЦ на своите корисници им овозможи он-лајн склучување и продолжување договор за повластена паркинг-карта и нивна достава до дома, плаќање услуга за паркинг, најава на гости и др.
„Отсега граѓаните нема повеќе да мора да доаѓаат во просториите на претпријатието бидејќи сите услуги ќе им бидат достапни со само еден клик, од кој и да е уред, на кое било место и во секое време. Дополнително, на новата веб-платформа преку чат, граѓаните ќе можат да бидат во постојана, 24-часовна комуникација со наш вработен и во секое време да ги адресираат своите прашања, жалби, барања и слично“, рече директорот на ПОЦ, Васко Кичевски.
Новата веб-страница поседува вградена заштита од неавторизиран пристап кон податоците од посебен интерес, што значи ги задоволува највисоките стандарди за заштита на податоците на корисниците на паркинг-услугите.
Сите корисници со креирање на личен профил на веб-страницата на ЈП ПОЦ ќе можат по електронски пат да склучуваат у продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти, да извршат електронска наплата за истите и да изберат како опција картичка и/или договор, во промотивниот период, бесплатно ќе им биде доставена на домашна адреса. Регистрираните корисници ќе добиваат СМС и е-маил нотификации како потсетник за истекување на корисничките договори, 30, 15 и еден ден пред истекот на договорот.
Корисниците ќе можат да плаќаат дневна паркинг-карта, месечен билет и други типови билети, да вршат проверка на состојба на М-карта со целосен увид во билансот на картата, како и пријавување на гостинска регистарска табличка, проверка на состојбата на гостинските часови и надополнување и наплата на истите преку дебитна или кредитна картичка, трансфер на пари или вирман.
„Пред дигитализацијата, анкетата што ја спроведе ПОЦ покажа дека високи 75 отсто од испитаниците изразиле задоволство од нејзиното воведување, што покажува дека граѓаните ги препознаваат придобивките од истата и позитивно ги оценуваат заложбите на ЈП ПОЦ за воведување новини со кои им се олеснува користењето на услугите кои ги нуди претпријатието“, рече Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.
Сите рекламации и потребни информации граѓаните ќе можат да ги адресираат преку електронска форма или директно преку веб-страницата до Повикувачкиот центар.