Сите се во Тирана – Мерц, Зеленски, Ердоган, Фон дер Лајен, Стармер… Самитот почна со критики за Путин

Ова е прв самит на Европската политичка заедница во Западен Балкан и е големо признание за Албанија на нејзиниот пат кон ЕУ


Лидерите излегуваат за фемили фото на самитот во Тирана

 

Шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) „Нова Европа во новиот свет: единство – соработка – заедничко дејствување“, на кој учествуваат 47 шефови на држави или влади, заедно со лидери на клучни европски и меѓународни институции, започна денес во Тирана, главниот град на Албанија.

Ова е прв самит на ЕПЗ во Западен Балкан, што е од исклучително значење за Албанија, но и за регионот.

Центарот на Тирана е затворен, видливо е присуството на голем број полицајци и обезбедувачи. Исто така, многу медиумски тимови се сместени во хотелот „Интернационал Тирана“.

Со самитот копретседаваат албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој ќе ја заврши својата турнеја низ Западен Балкан со посета на Тирана и учество на самитот.

На самитот е и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, шефот на НАТО, Марк Руте, премиерот на Полска Доналд Туск, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, претседавачот на претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ, британскиот премиер Кир Страмер, претседателката на Косово Вјоса Османи, италијанската премиерка Џорџа Мелони, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, премиерот на Словачка Роберт Фицо, претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ… се само дел од присутните на собирот

Рама го пречека и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а потоа дојде украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој не даде изјава за новинарите, туку отиде директно во зградата каде што се одржува самитот.

Францускиот претседател Емануел Макрон беше последен. И тој не сакаше да одговара ниту на новинарските прашања.

Еди Рама го пречекува украинскиот претседател Володимир Зеленски

Церемонијата започна со танцова нумера придружена со фотографии од историјата на Албанија, а воведната програма продолжи со изведба на националниот танц, по што следеа презентации на современа Албанија со гусли и виолини и настап на танцова трупа.

Сценографијата и ефектите беа во црвена и црна боја, т.е. боите на албанското знаме.

На крајот од официјалниот дел од отворањето на самитот, фигурите на лидерите беа прикажани како мали деца кои велат „Добредојдовте во Албанија“.

Пред заедничката фотосесија, во Тирана започна силен пороен дожд, а дождот малку ја наруши познатата „семејна фотографија“. Сепак успеаја да се фотографираат.

Британскиот премиер Страмер им рече на новинарите дека настаните од вчера и вечерва поврзани со војната во Украина се „доказ дека Путин не е сериозен“ кога станува збор за постигнување мир.

„Мораме да имаме апсолутно единство со сојузниците. Ако нема прекин на огнот, тогаш Русија мора да биде санкционирана. Денес е важна можност за нас да бидеме тука заедно“, рече Страмер.

Урсула фон дер Лајен исто така го критикуваше Путин.

Фон дер Лајен рече дека „мора да извршиме притисок врз претседателот Путин за и тој да посака мир“.

Руте рече дека Путин направил грешка со испраќањето делегација од понизок ранг на мировниот состанок со Украина, дека сега целиот притисок е врз Путин и дека „топката е во неговиот двор“, дека мора да покаже дека сака мир.

Турскиот претседател Реџеп Ердоган и германскиот канцелар Фридрих Мерц

Пленковиќ рече дека не е изненаден што Путин не дошол на преговорите во Истанбул и нагласи дека секој чекор кон крајот на воените операции е позитивен, „но конечното решение не може да биде доделување украински територии на Русија“.

Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека следната недела ќе разговараат за тоа како да се пристапи кон дијалогот меѓу Белград и Приштина.

„Очекуваме нормализација на односите. Вчера разговарав со претседателот (Александар) Вучиќ, како и со претседателката (Вјоса) Османи за тоа што можеме да направиме. Следната недела ќе видиме како да пристапиме“, изјави Калас пред новинарите пред Самитот на Европската политичка заедница.

Таа рече дека Албанија постигнува добар напредок во процесот на европска интеграција и дека сега постои политички моментум за проширување и дека тоа е потребно не само за Западен Балкан, туку и за ЕУ.

Лидерите на самитот

Калас исто така го критикуваше рускиот претседател, нагласувајќи дека Путин „игра игри“.

„Самитот на Европската политичка заедница во Тирана е добра можност за Црна Гора да се промовира, пред 50 европски лидери, како најнапредна земја-кандидат за членство во Европската унија“, изјави црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.

Тој им рече на новинарите пред почетокот на Самитот дека ова е прв пат собирот да се одржува во една од земјите од Западен Балкан.

„Ова е исклучително важна платформа, особено за земјите што не се членки на ЕУ, па затоа денес е можност дополнително да се работи на она што е посилна Европа во отворен разговор со земјите-членки на Унијата“, рече Милатовиќ, пренесува Вијести.

Овој самит на ЕПЗ се одржува во време кога глобалните тензии, хибридните закани, економската принуда и технолошките нарушувања бараат покоординиран европски одговор.

Лидерите на европските земји во Тирана ја посветија првата пленарна сесија на безбедноста и заедничката визија за иднината на Европа.

Зеленски рече дека војната мора да заврши што е можно поскоро.

Сите знаете, рече тој, дека оваа недела имаме голема шанса да ја завршиме војната ако Путин дојдеше во Турција.

„Руската делегација што пристигна во Истанбул е на ниско ниво. Наш приоритет е веднаш да се прекине огнот. Украинската делегација има мандат да донесува одлуки. Гледаме дека Русија не се променила од 2022 година. Тие прават сè што можат за да го претворат состанокот во Истанбул во празен процес. Светот мора да реагира, вклучително и со санкции, ако руската делегација не направи ништо за да прогласи прекин на огнот“, рече Зеленски.

Сите знаеме, додаде тој, кој ги носи главните одлуки во Русија, алудирајќи на Путин.

Еди Рама ги чека гостите

„Претседателот Трамп сака да ја запре оваа војна“, посети Зеленски, додавајќи дека улогата и поддршката на ЕУ се огромни.

Мелони рече дека „ние сакаме мир, Володимир Зеленски сака мир, а сега можеме да видиме кој е навистина подготвен да седне на преговарачка маса, а кој не“.

„Сепак, ова не значи дека треба да се откажеме од обидите за постигнување мировен договор. Подготвени сме да направиме сè што е потребно за таа цел“, изјави таа.

Мерц рече дека сите се решени силно да ја поддржат Украина – економски, финансиски и воено.

Тој исто така рече дека Германија е благодарна на САД за сè што Американците направија во Втората светска војна.

„Мораме да направиме сè за да ги задржиме Американците на наша страна“, нагласи Мерц.

По првата сесија ќе следат три тематски тркалезни маси – за безбедност, конкурентност и миграција.

Првиот ќе биде фокусиран на европската безбедност и демократската отпорност, земајќи ги предвид непосредните императиви, како што е поддршката на Украина, и долгорочните предизвици, вклучително и заштитата на демократските процеси од странско мешање и зајакнувањето на европските колективни одбранбени капацитети.

На втората тркалезна маса ќе се дискутира како да се подобри конкурентноста и економската безбедност со фокус на иновации, дигитална инфраструктура, енергетска отпорност и стратешка автономија за да се обезбедат критични синџири на снабдување и рамнотежа помеѓу климатските цели и силата на индустријата.

Кир Стармер, Володимир Зеленски и Емануел Макрон

Прашањата за миграцијата, мобилноста и јакнењето на младите ќе бидат тема на третата тркалезна маса. Тие ќе разговараат и за употребата на миграцијата како оружје, предизвиците за задржување на талентите во националните економии, улогата на новата генерација во обликувањето на европската иднина, особено во светлината на брзите технолошки промени.

Самитот ќе заврши вечерта со прес-конференција на премиерите на Албанија и Данска, кои ќе бидат домаќини на следниот, седми самит на ЕПЗ.

Европската политичка заедница е неформален дипломатски форум создаден во 2022 година на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон како директен одговор на руската агресија врз Украина.

Овој формат не е дел од ЕУ, ниту е замена за членство во Унијата, туку форум за дискусии кој нема постојано седиште или секретаријат и кој не дава конкретни резултати.

Досега се одржани пет самити, во Чешка, Молдавија, Шпанија, Велика Британија и Унгарија. (Според агенциите)