„Титаник 2“: Сашо Мијалков, Мендух Тачи и другите обвинети добија по две години затвор

Овој случај беше за нерегуларности на изборите во 2013. За Мијалков делото застарува во април, дали дотогаш Апелација ќе донесе одлука ако има жалба


Фото: Б. Грданоски

 

Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново го пресудија предметот „Титаник 2“ кој се однесува на изборни нерегуларности сторени на изборите во 2013 година. Судот ги ценел сите олеснителни и отежителни околности и ги огласи сите осомничени за виновни.

На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.

Од екс-членовите на ДИК, кои добија преквалификација на дело и сега се гонат за повреда на избирачко право, на Бедредин Ибраими му е изречена казна затвор од две години, исто како и Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анита Стефановска кои добија казна затвор од две години.

„Судот е на мислење дека никогаш и никаде не смее неправото да биде над правото. Обвинетите направиле директна повреда на изборното право во интерес на своите партиски интереси, со директна и умислена повреда“, кажа меѓу другото судијата Ставрев.

Сашо Мијалков, беше спроведен на судењето со доцнење од половина час од страна на затворските полицајци од затворот во Струга. 

Сите обвинети и на повтореното судење негираа вина. Сашо Мијалков и Мендух Тачи се гонат за поттикнувачки дејствија, додека екс-членовите на ДИК дека поништиле гласање по нивна насока. Тие очекуваа дека обвинителот Гаврил Бубевски ќе го повлече обвинението, бидејќи според нив е неиздржано, а откако тоа не беше направено, а судиите Ставрев и Шабани да донесат ослободителни пресуди.

Апелација ја укина пресудата во декември 2019 година. Од тогаш до декември 2022 година предметот се суди уште во Кривичен суд. Ова би значело дека е речиси невозможно за четири месеци, до април,  да се донесе правосилна одлука судска одлука, кога делото на Мијалков застарува.

Во предметот „Титаник 2“ извесно е застарување на делото „примање награда за противзаконито влијание“ за кое е обвинет Мијалков, веќе во април годинава. Ако Апелација не донесе одлука за овој предмет до април, Мијалков ќе биде ослободен од вина. За останатите обвинети меѓу кои и Тачи, делата не застаруваат во скоро време.