Сите обвинети тврдат дека се невини за убиството на Вања и Панче

Адвокатите на Палчо и на таткото на Вања тврдат дека се жртви на наместена истрага и дека против нив нема докази


Пред почетокот на судењето (Фото: Б. Грданоски)

 

Процесот на деценијата за грозоморните убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска почна со воведните зборови на обвинителството и и веднаш потоа со негирањет на вина на обвинетите. Првообвинетиот, Љупчо Палевски, изјави и дека ова бил политички монтиран процес.

Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска рече дека обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев ги планирале убиствата и на свиреп начин ги извршиле убиствата на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, им помогнал во грабнувањето на сопственото дете.

Според Обвинителството, обвинетите прво го убиле Жежовски за да можат со неговото возило да ја грабнат Вања. Го убил Палчо со истрел во главата, а потоа го фрлиле во дупка.

Обвинетите ја грабнале Вања откако нејзиниот татко му дал на Палчо информации кога таа оди сама во школо, а целта била да се бара откуп. Обвинителката рече дека обвинетите пробале да ја киднапираат Вања на 24 ноември откако таткото му јавил на Палчо дека Вања сама ќе оди на училиште, бидејќи сестрата нема прв час. Но, поради гужва во сообраќајот, задоцниле. Грабнувањето било извршено во понеделникот на 27 ноември, откако таткото му јавил на Палчо дека Вања ќе оди сама, а оваа информација ја знаел само тој.

„Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев со колата на претходно убиениот Панче Жежовски дошле пред зградата на Вања. Влатко Кешишев чекал во колата, а другите двајца со штрафцигер ја отвориле вратата и со вреќа за спиење во сутеренот ја чекале Вања. Кога таа излегла од лифтот, ја грабнале, ѝ ставиле лента на устата, ѝ ги врзале рацете и нозете со пластички стеги и ја ставиле во вреќата. Ѝ се заканувале за да не вика“, кажа обвинителката.

Потоа ја ставиле Вања во багажникот на колата, на булеварот „Партизански одреди“ ѝ го скршиле телефонот за да нема сигнал и се упатиле кон Качанички пат. Во Визбегово се сретнале со Палчо и сите заедно продолжиле кон селото Бразда, каде ја убиле Вања. Обвинетите во претходно ископана дупка ја ставиле Вања со врзани раци и нозе. Палчо, според обвинителството, со пиштол преку перница пукал во главата на Вања и ја убил. Потоа го закопале телото, а колата ја запалиле.

На почетокот од судењето, обвинителката Крстевска-Јосифовска рече дека мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, побарала исклучување на јавноста и судење зад затворени врати. Според неа, мајката на Вања сакала да го заштити нејзиниот приватен живот, но и животот на втората ќерка.

Судијата Ивица Стефановски не го прифати барањето.

Љупчо Палевски пред судот кажа дека ова бил политички монтиран процес.

„Овој родител наместо да го плачи своето дете, наместен е од полицијата за да се изготви некоја лажен мотив и врска. Јас него не го познавам“, рече Палчо за таткото на Вања.

Александар, таткото на Вања, кажа дека се става на располагање на судот да се открие вистината за овој случај. Тој тврди дека докази нема против него, туку цело обвинение е врз основа на лажен исказ на еден обвинет.

Таткото на Вања изјави дека чувствува болка која не може да се објасни.

„Јас загинав на 27-ми. Тоа што остана е ехо од човек од мене, чувствувам болка која не може да се објасни. Чувствувам и обврска кон Вања. Да се ставам на располагање за да се разреши оваа ситуација. Во детали со имиња со тоа што го наведе адвокатот“, изјави таткото на Вања.

Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ, рече дека ќе докажеле отидоказите од видео надзорот ги обезбедил таткото на Вања, и тоа со напатство од полициски службеници, кои ги предлага како сведоци во процесот.

„Прекршени се основите принципи на истражната постапка и на криминалистичката истрага. Неосновано е обвинението за Александар. Ќе докажеме дека Александар е жртва и постапил како секој родител чие дете е исчезнато. Иако разведен тој имал висок степен на грижа за децата. Растројството на Александар откако одлучил самиот да води истрага за исчезнатото дете е искористено за тој да биде погрешно разбран и обвинет. Тој не ги познава обвинетите, нема поврзаност со нив и нема умисла за грабнување. Ова е паушално обвинение како резултат на лоша истрага. Не е докажан мотивот на Александар за материјална корист. Вања и Миња веќе биле сопственици на станот кој се инсинуира за мотив и тоа со договор за дар од таткото Александар. Одбраната ќе докаже дека Александар наместо да е жртва бил изложен на тортура во полиција и недолично однесување за да му се изнуди признание на вина“, рече адвокатот Туфегџиќ.

Љупчо Палевски тврди дека ова е политички монтиран процес (Фото: Б. Грданоски)

Адвокатот на Палевски, Марјан Витанов, тврдеше дека обвинителството нема никакви биолошки докази оти Палчо бил на местата на убиствата. Според него, има многу недоследности во обвинението и најави дека ќе докажат дека Палевски ниту имал некаков план со другите обвинети, ниту имало биолошки траги во автомобилот, ниту дека бил на местата на убиствата.

Витанов рече дека во времето на почетокот на постапката Палчо бил надвор од Македонија, дека регуларно поминал граници за да оди на лекување во Турција.

„Медиумски беше многу покриен, уште неекстрадиран веќе беше осуден. Тој не е виновен, немал контакт со обвинетите по основ на кривичните дела, имал контакт по други основи. Обвинетиот ги побара доказите, не е одговорено на неговите барања. Како негов бранител се обратив и до вешти лица, сите одбиваат, никој не сака да соработува. На еден осомничен три дена да му се зема исказ, со сите податоци дадени, заклучуваме дека овој осказ е даден со инструкции. Ќе произлезат такви контрадикторности за кои судот ќе треба да се изјасни. Нема докази дека Палевски бил во Велес на 21 ноември 2023 година, ќе дадеме докази каде бил. Нема траг дека тој го фрлил телефонот на Панче. Телефонот е најден, нема траги од Палчо, туку од трето лице. За останатите обвинети има најдени траги, за Палевски нема. За денот на убиството на Вања има траекторија каде се движел. Баравме од операторот да ни даде локации од базните станици каде бил кога е остварен секој контакт на 27.11.2024 година. Барав од операторот, но од таму ми рекоа дека такви податоци може да дадат со наредба на надлежен орган, па барам да дадете таква наредба“, тврдеше рече адвокатот на Палевски, Витанов. (Н.В.)