Сиромашните, младите и жените се со помали шанси да работат од далечина


Ковид-19 без работа остави десетици милиони работници. Се проценува дека речиси 100 милиони работници во 35 држави може да бидат изложени на голем ризик, бидејќи тие не се во можност да ги вршат своите работи од далечина

 

Пандемијата со Ковид-19 влијаеше разурнувачки на пазарот на трудот во целиот свет. Десетици милиони работници ги загубија своите работни места, а многу професии се соочуваат со неизвесна иднина. Мерките за социјално оддалечување им се закануваат на работни места за кои е потребно физичко присуство на работа или интеракција лице-в-лице. Оние што не можат да работат од далечина, освен ако не се сметаат за суштински, се соочуваат со значително поголем ризик од намалување на сатниците или платите, со привремени отсуства или постојани отпуштања. Кои видови работни места и работници се со најголем ризик? Не е изненадувачки, товарот најмногу падна врз оние кои најмалку можат да го издржат: сиромашните и младите на најниско платените работни места.

Во нова студија, ММФ ја испитуваше изводливоста да се работи од дома на голем примерок во напредни економии и во пазарите во појавување. Се проценува дека речиси 100 милиони работници во 35 напредни економии и во пазарните економии во развој (од 189 членки на ММФ) би можеле да бидат изложени на голем ризик, бидејќи тие не се во можност да ги вршат своите работи од далечина. Ова во просек е еквивалентно на 15 проценти од нивната работна сила. Но, постојат важни разлики меѓу земјите и работниците.

Природата на работните места во секоја земја

Повеќето студии што ја мерат можноста за работа од дома ги следат дефинициите за работа што се користат во Соединетите држави. Но, истите занимања во други земји може да се разликуваат во бараните интеракции лице-в-лице, технолошкиот интензитет на производниот процес или дури и пристапот до дигиталната инфраструктура. За да се претстави тоа, индексот на изводливост за работа од дома што го изградивме ги користи задачите што се извршени во секоја земја, според анкетите составени од ОЕЦД за 35 земји.

Вработените во секторите храна и сместување, како и трговија на големо и мало, се најтешко погодени

Откривме значителни разлики во земјите дури и за истите занимања. Многу е полесно да се работи од далечина во Норвешка и Сингапур отколку во Турција, Чиле, Мексико, Еквадор и Перу, едноставно затоа што повеќе од половина домаќинства во пазарите во појавување и земјите во развој немаат ниту компјутер дома.

Кој е најранлив?

Севкупно, работниците во секторите храна и сместување, како и трговија на големо и мало, се најтешко погодени затоа што имаат најмалку „работни задачи од далечина“. Тоа значи дека над 20 милиони луѓе во примерокот кои работат во овие сектори се изложени на најголем ризик да изгубат работа. Сепак, некои се поранливи од другите:

Младите работници и оние без универзитетско образование се со значително помала веројатност да работат од далечина. Овој повисок ризик е во согласност со возрасните профили на работниците во секторите кои се најтешко погодени од заклучувањата и политиките за социјално дистанцирање. Загрижувачки, ова укажува на тоа дека кризата може да ја засили меѓугенерациската нееднаквост.

Жените би можеле да бидат особено погодени, како и дека може да загубат некои од придобивките за родовата еднаквост стекнати во последните децении. Ова е затоа што жените се непропорционално концентрирани во секторите кои се најтешко погодени како услугата за храна и сместувањето. Покрај тоа, врз жените паѓа потежок товар за грижа за децата и домашните работи, додека пазарното обезбедување на овие услуги е нарушено.

Вработените со скратено работно време и вработените во малите и средни фирми се соочуваат со поголем ризик од загуба на работни места. Работниците со скратено работно време често први се отпуштаат кога економските услови се влошуваат, а ќе бидат ангажирани последни кога ќе се подобрат условите. Тие, исто така, со помала веројатност имаат пристап до здравствена заштита и до формалните канали за осигурување што можат да им помогнат да ја пребродат кризата. Во економиите во развој особено работниците со скратено работно време и оние со неформална работа се соочуваат со драматично поголем ризик од паѓање во сиромаштија.

Влијанието врз работниците со ниски приходи и со несигурно вработување може да биде особено сериозно, засилувајќи ги долготрајните нееднаквости во општествата. Сознанието дека работниците на дното на распределбата на заработката се најмалку во можност да работат од далечина е потврдено од неодамнешните податоци за невработеност во Соединетите држави и во другите земји. Кризата Ковид-19 ќе ја влоши нееднаквоста во приходите.

Оваа криза јасно покажа дека можноста да се биде онлајн е клучна одредница за можноста луѓето да продолжат да работат

Уште полошо, работниците на дното на распределбата на приходите се веќе несразмерно концентрирани во секторите кои се најтешко погодени, како што се услугите за храна и сместување, кои се меѓу оние сектори кои се најмалку подложни на работа од далечина. Работниците со ниски приходи, исто така, поверојатно е да имаат само за најосновните работи и да се со мал финансиски „тампон“ во вид на заштеда и пристап до кредит.

Како да се заштитат најранливите?

Пандемијата веројатно ќе го промени начинот на работа во многу сектори. Потрошувачите можат да се потпрат повеќе на е-трговијата, на штета на малопродажните места; и може да нарачуваат, односно да ја земаат храната за дома, намалувајќи го пазарот за вработените во рестораните.

Што можат да сторат владите? Тие можат да се фокусираат да им помогнат на погодените работници и на нивните семејства со проширување на мрежите за социјално осигурување и други видови помош за да се амортизира загубата на приходите и на вработувањето. Субвенциите за плати и програмите за јавни работи можат да им помогнат да имаат средства за егзистенција за време на закрепнувањето.

За да се намали нееднаквоста и да им се дадат на луѓето подобри перспективи, владите треба да го зајакнат образованието и обуката за подобро да ги подготват работниците за работните места во иднина. Доживотното учење значи и зајакнување на пристапот до школување и обука за вештини за да им се помогне на работниците погодени од економски шокови како што е Ковид-19.

Оваа криза јасно покажа дека можноста да се биде онлајн е клучна одредница за можноста луѓето да продолжат да работат. Инвестирањето во дигитална инфраструктура и намалувањето на дигиталниот јаз ќе им овозможи на загрозените групи да учествуваат значително во економијата во иднина. (Светски економски форум)