Синови, ќерки, снаи, сопруги ќе станат идни судии и обвинители


Синови, ќерки, снаи на судии и обвинители и на поранеши претседатели на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, се  дел од имињата на конечната ранг-листа на 57 кандидати од седмата генерација што ја поминале обуката и го положиле завршниот испит на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Согласно со законската обврска, Академијата која вчера ја објави конечната ранг-листа, истата денеска (21.02) ќе ја испрати до Судскиот совет и до Советот на јавните обвинители.

На списокот се ќерка на обвинителка од Републичкото јавно обвинителство, ќерка на обвинителка од Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, и синот на обвинителка од поранешното СЈО. Меѓу положените кандидати е и синот на судија во Апелациски суд, кој неодамна го привлече вниманието поради повеќемесечното чување во фиока на еден предмет од висок политички профил, за на крај да биде донесена одллука за поништување на првостепената пресуда.

 Филтерот на Академијата го поминал и син на актуелен судија во Врховниот суд, син на поранешен претседател на Советот на јавни обвинител, како и син на поранешен претседател на Судскиот совет. Меѓу кандидатите се и снаа на судијка од Тетово, но и сопругата на актуелниот шеф на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Токму обуката на неговата сопруга во Акедемијата, беше причина тој да побара Советот на јавни обвинители да ја измени одлуката, со која штотуку избраниот Абази на чело на ОЈО ГОКК беше предложен и за член на Управниот одбор на Академијата.

Меѓу кандидатите кои го положиле испитот е и синот на претседателот на Собранието, чие име се најде на масата на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) поради тоа што му било овозможено да предвреме да полага правосуден испит, да конкурира и да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители.

Во јавноста не постои увереност дека може да се поправат состојбите во правосудството, за што говорат и резултатите од анкетите за доверба во судството и обвинителството, кои се исклучително ниски. Алијанса за Албанците, партија која чека и официјално да се приклучи кон владината коалиција, лани во април обвини дека судскиот систем е заробен од ДУИ. Тогашниот претседател на АА, Зијадин Села, на прес-конференција објави податоци од нивно истражување за оваа сфера.

„Се соочуваме со вистински масакр во судството, со десетици судии и обвинители под тотална контрола на ДУИ. Значи, тоа што го најдовме покажува систематско заземање од страна на ДУИ на секој суд и секоја обвинителска инстанца, без исклучок“, рече Села. Тој по име и презиме наброја десетици судии кои се под конторала на ДУИ во Управниот, Врховниот, апелациски и основни судови, и предложи Европската комисија да спроведе дополнителни проценки за владеењето на правото.