Синер се повлекува од Олимпијадата поради воспаление на крајници


Париз – Тенисерот број еден во светот, Италијанецот Јаник Синер денеска соопшти дека се откажал од учеството на Олимписките игри во Париз.

Италијанскиот тенисер објави дека се повлекува од Игрите поради воспаление на крајниците.

„Со големо жалење морам да ве известам дека за жал нема да можам да се натпреварувам на Олимписките игри во Париз. По добрата недела тренинзи на земјена подлога почнав да се чувствувам лошо. Поминав неколку дена во одмор, но посетата на лекар откри дека имам хроничен тонзилитис и ме советуваа да не играм“, објави Синер на социјалните мрежи.

Синер рече дека е разочаран, ги поддржа и сите италијански спортисти.

„Големо е разочарување што морам да ги пропуштам Игрите бидејќи тоа беше една од моите главни цели за оваа сезона. Едвај ја чекав честа да ја претставувам мојата земја на ваков важен настан. Среќно на сите италијански спортисти, јас ќе навивам за вас од дома“, рече Синер.

Ждрепката за тенискиот турнир е утре во 11 часот, а првиот носител ќе биде Новак Ѓоковиќ.

Отворањето на ОИ ќе биде во петок во 19 часот и 30 минути.