Синдикатот со порака до газдите: Работниците може да ви бидат пријатели, Владата не


 

Претставниците на Сојузот на синдикати на Македонија денес ја блокираа улицата пред Стопанската комора на Македонија во центарот на Скопје, во знак на револт поради тоа што газдите не ги прифаќаат барањата за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на другите плати за 6 илјади денари. Од пред седиштето на асоцијацијата на стопанствениците, синдикалците упатија уште еднаш порака дека доколку не се исполнат нивните барања, тие по блокадата на Владата наредната недела, ќе организираат масовен работнички протест и генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор.

Трендафилов ги обвини газдите дека се слепи послушници на владата, иако таа веќе кажа дека се договорила со своите вработени и, како што нагласи, ги оставила газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор.

„Газдите мора да сфатат дека имаат пријатели само во работниците, но можат да имаат и непријатели. Владата не им е пријател, затоа што ги казнува, институциите ги даночат, им праќаат контроли и како што им кажуваат, тие се договараат со своите вработени, а ги оставаат газдите да се договорат сами со своите вработени“, рече Трендафилов.

Според него, само еден ден затворање на компаниите, на институциите и на државата, ќе ја чини државата многу повеќе од целото годишно зголемување на работничките плати, односно државата ќе ја чини многу повеќе од тоа што може да го направи сега – да прифати да ги покрие придонесите за задолжително социјално осигурување.

„Следниот пат нема да доаѓаме со понуда, туку со генрален штрајк кои ќе ги чини многу повеќе од нашите работнички плати“, изјави претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов. 

Тој рече дека понудата на синдикатите од минатата година (за покривање на придонесите од зголемените плати од страна на државата, заб.) сѐ уште важи.

„Не бараме да уплаќаат за газдите, како некој што сака да каже, не бараме тие да ги плаќаат платите на работниците како некој што сака да каже. Работодавачите ќе ги платат платите, но тие да се откажат од дел од колачот“, рече Трендафилов.

Тој посочи дека доколку било прифатено ваквото решение лани, кога работодавачите го бараа заедно со ССМ, денеска во буџетот на Владата ќе имало најмалку десет милиони евра на месечно ниво или 120 милиони свежи пари на годишно ниво.

„Некој заради неговата самобендисаност го одби тоа. Некој одлучи да ги напаѓа синдикатите и да не замолчува“, рече Трендафилов, нагласувајќи дека вече е донесена одлука да организираат уште еден голем работнички протест во неработен ден со организиран превоз, за работниците да добијат шанса да се придружат.

Трендафилов уште еднаш објасни зошто блокадите ги прават со по 21 човек, а не со масовно присуство. 

„Толку сме затоа што не следат, затоа што не заокружуваат и им се закануваат да не дојдат на протестите. Одлучивме дека и во вторник Владата на две места по 21 човек ќе ја блокираат, или математички прецизно кажано по познатата математичка формула, икс плус ипсилон еднакво на зет“, рече Трендафилов, алудирајќи на вокабуларот на премиерот Христијан Мицкоски и неговото образложение за зголемување на платите на дел од административците за што минатата недела беше постигнат договор со УПОЗ.

Трендафилов ги обвини газдите дека не дозволуваат синдикално организирање во најголемиот дел на приватниот сектор.

„Ќе упатам порака и до работниците. Само еден на десет ваши колеги се бори за вашите плати. Можете да замислите дека ако се боревме осум од десет вработени, или ако од 540 илјади работници само 100 илјади излезевте на улица, дали денеска ќе требаше да продолжуваме со блокадите, дали ќе треба да организираме ушет еден голем работнички протест и дали ќе треба да организираме генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор“, рече тој додавајќи дека и покрај сите притисоци, нема да се откажат.

Трендафилов посредно одговори и на дел од нападите кои денес кон него ги упати премиерот Мицкоски.

„Денеска сум информиран, иако не ја гледав изјавата, дека било кажано дека сега сум господин, дека сега веќе не сум бил политички определен. Но, дека било кажано уште пострашно, дека сега ќе ги заокружувале луѓето кои доаѓаат на протестите кои се за корка леб и ќе ги објавуваат како што го објавуваа моето семејство“, рече Трендафилов додавајќи дека никој на никого не му должи ништо во оваа држава и никој на никого не смее да му се плаши.

Потпретседателот на ССМ за приватниот сектор Иван Пешевски исто така им порача на работодавачите да седнат на маса и да се договорат со Синдикатот.

Тој посочи дека барањето за 600 евра минимална плата е барање за пресметковна единица по која ќе се множат коефициентите на сите вработени во јавниот сектор.

„Да заборавиме веќе на плата од 400 и 500 евра, затоа што не само што нема да имаме продуктивни работници, туку нема да имаме никакви работници. Ако газдите не се одважат и не дадат дел од профитот што им го овозможиле работниците, секој ден ќе бидеме на улица со блокади и со шатори и секој ден ќе ги потсетуваме дека за тие плати повеќе нема да работиме“, рече Пешевски.

Тој додаде дека условите за работа и платите во приватниот сектор се мизерни.

„Платите повеќе наликуваат на социјална помош, отколку на плата за достоинствен живот, изјави Пешевски.