Синдикалната кошница во февруари „скокна“ за 969 денари, за два месеци го „изеде“ усогласувањето на минималецот

За 24 месеци, колку што Владата и работодавачите се противат на зголемување на минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошница поскапе за повеќе од 10 илјади денари


Фото: Б. Грданоски

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во февруари се зголемени за речиси илјада денари во споредба со јануари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија, кој ја прави синдикалната потрошувачка кошничка. 

Синдикалната минимална кошница за февруари изнесува 67.382 денара и во однос на синдикалната минимална кошница во јануари е зголемена за 969 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати вредноста на синдикалната минимална кошничка се зголемува на 82.757 денари.

Зголемување од речиси илјада денари има и во делот на храната, односно ако за јануари биле потребни минимум 24.211 денари, во февруари за оваа намена биле потребни 25.156 денари. 

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, преку објава на Фејсбук вели дека само за два месеци, односно од почетокот на годинава, порастот на синдикалната кошница го „изел“ најавенот усогласување на минималната плата за околу 1.500 денари.

Фото: Б. Грданоски

„За два месеци, од почетокот на годината веќе го изеде најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаат да им го дадат на работниците за 1.500 денари, односно секое семејство на работниците е посиромашно за 2 илјади денари за само два месеца“, вели Трендафилов.

Тој додава дека за 24 месеци, односно онолку време колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимнална кошница е зголемена за повеќе од 10 илјади денари. 

„Затоа наместо да се препукуваат на грбот на работниците во парламентот, политичките партии да застанат со нив да ја изгласаат новата минимална плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку шест илјади денари затоа што животот во Македонија очигледно е добар само за функционерите и за газдите, додека работниците тонат во сиромаштија“, порача Трендафилов.

По последниот протест, односно блокада пред Владата, ССМ остави простор до крајот на февруари да се договори зголемувањето на минималната плата според барањата на синдикатот,  а во спротивно најавија нов протест на кој што ќе учествуваат работници од целата дрќава, а не само по 21 колку што беа присутни на блокадите пред Собранието, Стопанската комора и пред Владата, плус, дополнително се најавува и генерален штрајк кој што ќе биде одржан во неработен ден.

Денес, Државниот завод за статистика ја објави и информацијата за просечаната месечна исплатена нето-плата, која во декември 2025 година изнесувала 46.889 денари и е повисока за 7,6 % во однос на декември 2024 година.

Од друга страна, владината потрошувачка кошница, која според владините министри треба да даде пообјективна слика за месечните трошоци никако да биде објавена иако се најавува со месеци.  Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, пред десетина дена изјави дека просечната потрошувачка кошничка е изготвена уште минатата година, но сè уште, повеќе од шест месеци, се чека одговорот од синдикатите и работодавачите – да кажат дали е во ред или имаат некакви сугестии кои можеби би требало да се вградат во неа.

Според него, просечната кошничка ќе биде најмалку 10 отсто пониска во однос на синдикалната и од неа се исклучени цигарите, тутунот, алкохолот и станарината.

Според последните податоци за инфлацијата што ги објави Државниот завод за статистика, таа мерена преку индексот на трошоците на живот во јануари годинава, во однос на декември 2025 година, изнесуваше минус 0,7 проценти. додека на годишно ниво (јануари 2026 – јануари 2025), бележи зголемување од 3,2 проценти. За една година најмногу се зголемиле трошоците за покуќнина, опрема за домаќинствата и одржување, за 5,8 отсто, потоа алкохолните пијалоци и тутунот за 5,3  отсто како и храната и безалкохолните пијалоци, за 5,2 отсто.

 

На истата тема

Инфлацијата во јануари била 3,2 отсто на годишно ниво, во однос на декември лани минус 0,7 проценти