Синдикалната кошница се искачи на 61.199 денари, само во август трошоците зголемени за над 600 денари
Во периодот од јануари до август, минималната кошница е зголемена за 4.036 денари, а од кога се пресметува по новата методологија, односно од декември лани до август годинава за 4.677 денари
За 629 денари се зголемиле минималните месечни трошоци на едно семејство во август во споредба со јули, објави денеска Сојузот на синдикати на Македонија, кој ја изработува синдикалната минимална кошница. Според пресметките на ССМ, во август вредноста на минималната кошница изнесувала 61.199 денари.
Во периодот од јануари до август, минималната кошница е зголемена за 4.036 денари, а од кога се пресметува по новата методологија, односно од декември лани до август годинава за 4.677 денари.
– Податоците од Синдикалната минимална кошница покажуваат дека и без зголемување на платите, трошоците за живот вртоглаво растат, нема оправдување за тоа, а истото никој не се обидува да го спречи, а ги прави граѓаните, работниците и пензионерите уште посиромашни, велат од ССМ.
Податоците од Синдикалната минимална кошница треба да ги разбијат дилемите на сите оние кои мислат дека работничките плати се највиновни за растот на инфлацијата односно растот на трошоците за живот. Само со зголемување на платите може да се зачува животниот стандард на
работниците и токму затоа барањата на работниците за зголемување на платите се оправдани, додаваат од ССМ.
Државниот завод за статистика измери инфлација во јули од три проценти на годишно ниво.