Симпозиум на меѓународни кардиоторакални експерти на Клиниката „Жан Митрев“
Со учество на врвни европски и регионални експерти, во Скопје се одржа меѓународниот симпозиум „Вoдичи во пракса“, во организација на Клиника „Жан Митрев“.
Симпозиумот, реализиран во соработка со Центарот за срце и бели дробови при Универзитетскиот медицински центар од Лајден, Холандија, беше посветен на практичната примена на најновите европски ESC/EACTS клинички упатства во третманот на коронарната артериска болест и валвуларните срцеви заболувања. Преку целодневна научна програма, интерактивни мултидисциплинарни дискусии и презентација на сложени клинички случаи, беа отворени клучни прашања поврзани со современото донесување одлуки, персонализираниот пристап кон пациентите и интеграцијата на иновативните хируршки и интервенциски техники во секојдневната клиничка пракса.
Како што во воведното обраќање истакна д-р Жан Митрев, повод за организирање на овој симпозиум е јубилејот 40 години работа во медицината и направени 15.000 операции, но самиот симпозиум ја покажа пошироката вредност на ваквите меѓународни собири: „Нашата цел тука e да се сретнеме со исклучително искусни и високо почитувани експерти во областа на нашата секојдневна работа за да се информираме, да видиме кои се актуелните новитети како и да го ажурираме нашето знаење за да видиме каде сме во сите овие околности. Нашата мисија е пациентите во оваа земја да имаат пристап до третман еднаков со оној во најдобрите европски центри“, истакна д-р Митрев.
Според министерот за здравство Азир Алиу да се биде домаќин на ваков симпозиум во нашата земја е многу важно за нашите професионални платформи и доживотното учење на домашните медицински експерти: „Темата што денес се разгледува, вклучувајќи ги и последните упатства и најсовремената технологија што ја користиме за срцеви заболувања, дава одлична можност за размена на нови научни знаења, клиничкото искуство и терапија“, рече министерот Алиу.
Свои експертски согледувања споделија еминентни кардиохирурзи и кардиолози од реномирани институции како Медицинскиот универзитетски центар во Лајден и Амстердам, Универзитетот во Фрајбург во Германија, Институтот за кардиоваскуларни болести „Дедиње“ од Белград, како и водечки меѓународни авторитети во областа на структурните срцеви интервенции и кардиохируршките иновации.