„Сименс“ ги здружува силите со група европски производители за обука на вештачка интелигенција за индустријата


Германскиот индустриски гигант „Сименс“, во вторникот, објави дека соработува со група европски производители на машини за обука на модели на вештачка интелигенција за употреба во индустријата

Сименс ќе соработува со производители како што се Chiron, Trumpf, Grob, Renishaw, Heller и Лабораторијата за машински алатки на Универзитетот RWTH во Ахен.

Соработката ќе обезбеди систематска размена на инженерски, производствени и машински податоци што ќе се користат за развој на нови апликации за генеративна вештачка интелигенција за индустриски средини, се вели во соопштението на компанијата со седиште во Минхен. На индустријата ѝ се потребни многу посигурни модели на вештачка интелигенција отколку, на пример, апликации како ChatGPT, бидејќи грешките можат да бидат скапи и опасни, а обуката бара сигурни податоци од индустриските компании.

„Заедно со нашите клиенти и партнери, денес правиме значаен чекор во проширувањето на вештачката интелигенција за употреба во индустријата“, рече извршниот директор на Сименс, Роланд Буш. „Гледаме одлична можност во оваа област за развој на европската економија и за зајакнување на индустријата – од автомобилската, хемиската и фармацевтската индустрија, до машинското инженерство, енергетиката, здравствената заштита, инфраструктурата и транспортот“, нагласи Буш.

Пристапот до вакви податоци би можел да донесе сосема ново ниво на продуктивност, особено во машинската индустрија, истакна раководителот на „Сименс“. Создавањето програми за машини покажува како вештачката интелигенција може да го забрза напредокот, да го намали бројот на грешки и да го ублажи стресот кај програмерите, нагласува германската компанија.

Меѓу можните области на примена, тие ги истакнуваат одржувањето на машините врз основа на прогнози за можни специфични проблеми, прилагодувањето на производствените процеси на промените во условите за работа во реално време и поефикасната потрошувачка на енергија.