Сиљановска не знае дали сме поблиску или подалеку од преговорите со ЕУ
Според претседателката Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија не е алтернатива за ЕУ

Австрија е подготвена да разговараме за изнаоѓање креативно решение со Бугарија и смета дека во моментов најважното за ЕУ е политиката на проширување да се спроведе, вели во интервјуто за Слободна Европа, претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Според Давкова, министерката за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајзингер, разговорите за решавањето на овој спор, би сакала да се случат во Виена.
На прашањето дали сме поблиску или подалеку од пред една година од почетокот на преговорите за членство во ЕУ , Сиљановска вели:
-Не можам со една реченица прецизно да ви одговорам. Зошто? Бидејќи, ако речам дека сме подалеку или поблиску тоа не е вистинскиот одговор, бидејќи понекогаш далечината или близината е многу релативна, зошто не значи дека ако почнеме ние преговори дека тоа навистина ќе значи исчекор. Во исто време може да дојде и ново барање или пак како што досега се случуваше да следат процеси кои ќе го оневозможуваат нашето договарање за кластерите и за поглавјата. Што мислам за овој период?
Прво забележувам промени. Веројатно е тоа логично да го одговорам како претседателка. Всушност нашиот преседан доведе до промисла на евроинтеграциските процеси, бидејќи сите знаат дека овој преседан ќе изроди нови и преседани. Имено да, јас честопати велам дека устав може да смените, но не можам јас да ветам дека ќе има уставни измени набрзо, бидејќи јас сум овластена предлагачка на уставни измени, но пратениците гласаат по сопствено уверување, бидејќи тие ги преставуваат граѓаните а не мене и другите власти.
Најчесто прашање до мене од надвор е дали ќе има уставни измени и мојот кус одговор е – не можам да гарантирам, бидејќи не сум апсолутен монарх. Значи по мене барањето од надвор уставни измени е спротивно на темелните вредности и принципи на Европската Унија вградени во договорот за ЕУ вградени во Лисабонскиот договор и во повелбата за фундаментални права бидејќи таму има обврска или ветување дека ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури на државите или дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет и дигнитетот и интегритетот.
Претседателката сепак остава простор за „креативна дипломатија“.
– Нам ни е јасно дека преговарачката рамка е усвоена. Нам ни е јасно дека е тешко таа да се менува, иако случајот на Србија го покажа и поинаквото. Затоа јас велам дека штом ние укажуваме на проблеми поврзани со нашето преговарање тогаш и ЕУ треба да вложи енергија креативно да овозможи наше напредување и мислам дека ова што го спомнувате е на таа линија. Еве моите предлози што се: Европскиот Парламент може да донесе некаков акт за состојбите меѓу нас и Бугарија. Може исто така Советот да даде некакви инструкции, Може, исто така, еве да се во некаков акциски план до историската бугарско – македонска комисија да се предочи тие може да бидат слободни но да внимаваат, иако вие велите дека е теорија. Не е теорија. Тоа се уставни акти на ЕУ, и тие треба да ги почитуваат не само во однос на членовите, туку и во однос на сите други. Значи да им се предочи. Два протоколи потпишавме, така? Еве може уште еден, но да не можат да бидат основ за вето, туку дека ќе се разговара слично како што разговараа Германците и Французите, Полјаците и Германците за да видиме како низ интерпретација на решенијата можеме да дојдеме до конечен договор. Да потенцирам, во договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија нема ниту еден член ниту еден збор за уставни измени. Уставните измени никнаа од првиот и од вториот протокол.
Во меѓувреме, видете, ние ја чувме министерката дека Австрија секогаш била зад регионот. Австрија смета дека во моментов најважното за ЕУ е политиката на проширување да се спроведе. Дека има разбирање за аспирациите на Украина и Молдавија, но дека има поголемо разбирање за Западен Балкан и тогаш рече, еве јас ви предочувам дека Австрија е спремна да разговараме за изнаоѓање некое креативно решение заедно со Бугарија, порача Сиљановска.
Но, на директното прашање дали ја контактирале Софија, таа или преставници на Австрија, Сиљановска немаше конкретен одговор.
-Јас не можам, не знам, дека сигурно министерката или го сторила или ќе го стори тоа. На иста линија беше и коментарот на претседателот на Европскиот Советот, бидејќи и тој рече дека најпрво го оцени нашиот предлог за одложено решение како добро решение но дека не наишол на разбирање во соседството но изрази спремност меѓу нас тројцата, претседателот на Бугарија. Тој и јас.
Околу дилемата дали власта бара алтернатива на статус квото со ЕУ, Сиљановска вели дека не е така.
-Не, не. Јас не сум фаталист и ретко го употребувам изразот дека немаме алтернатива. Но тврдам дека ние како што сме дел од Европа географски културно и историски така сме и политички дел од ЕУ. И морам да напоменам дека и британските претставници кога доаѓаат тука, исто така, дијалогот го води во рамките на нашата започната, недовршена евроинтеграција. Значи, немаме алтернатива во овој поглед. Но бараат сите денеска во светот извори на средства за развој за надминување во таа смисла и ние особено. И еден интересен податок, можеби најголемиот дел од вложувањата на Обединетото Кралство во Западен Балкан ги има кај нас.
Околу обвинувањата од ДУИ дека се позиционирала на страната на владата занемарувајќи ги механизмите за заштита од етничка мајоризација, претседателката одговори дека тоа не е точно.
-Не можам јас да ги занемарам механизмите за етничката репрезентативност. Правичната и соодветна застапеност се уставна категорија. Моите изјави се секогаш врзани за уставот и за законот. Пораките беа дека треба да го оставаме Уставниот Суд да решава. Јас верувам во составот на овој Уставен Суд. Јас исто така мислам дека во евро интеграциите е важно не само да сме хармонизиран и со „акито“, туку ќе бидеме ќе бидеме оценувани и дали ги спроведуваме законските решенија во праксата законските решенија а тоа ќе го проверуваат главно Венецијанската комисија и ГРЕКО и ние мора да водиме сметка и за нивните мислења. Значи јас можам да влијаам во мојот кабинет да водам сметка и за составот на различните тела. Одговорно тврдам дека во конституирањето на телата како што се, Комисијата за признанија и одликувања, Комисијата за помилување, Советот за млади, секогаш внимавам не само на правичната застапеност и повеќе од тоа. Има зошто затоа што првиот критериум за мене стручноста и компетентоста, вели Сиљановска.