Зоран Милановиќ: Македонија треба сама да одлучи дали сака во ЕУ по „секоја цена“

Хравсткиот претседател ја пречека македонската претседателка, на прес-конференцијата со Сиљановска тој рече дека Македонија сама одлучува што е подобро за неа. А дека Европската унија, па дури и НАТО, е фасада. Тоа е еден вид енергетска обнова. Стиропор, нагласи Милановиќ


Хрватскиот претседател на прес-конференцијата рече дека „има живот без Европската унија, успешен“

 

Патот на Македонија кон ЕУ предолго трае, и тоа не по македонска вина, нагласи претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ на прес-конференцијата по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Загреб. И двајцата се согласни дека тој пат е неоправдано попречуван и оти од земјава се бараат отстапки кои ниту се оправдани, ниту се дел од Копенхашките критериуми. 

„Зборувавме за обидот на Македонија, Северна Македонија, како и да сакате, да стане членка на нешто што многумина од нас, вклучувајќи ме и мене меѓу првите, до неодамна го нарекувавме и го третиравме како врв на некаков вид материјализација на државата, пристапувањето кон Европската унија, како тоа да е на кој било начин супериорно во однос на она што веќе го имаме, а тоа се нашите независни национални држави. Во случајот со Хрватска, таа беше многу тешко извојувана и постигната со многу величествени работи и некои помалку величествени, а во случајот со Македонија и нејзиниот историски пат и окружување, уште поголемо чудо е што Македонија успеа да стане и да преживее како независна држава во вителот во кој историски живееше“, рече Милановиќ.

Тој смета дека Македонија треба сама да одлучи за својата судбина и за тоа што е важно за неа – дали е тоа членство во Европската унија по секоја цена, бидејќи, како што нагласи, она што се бара од Скопје во последно време е „секоја цена“ и повеќе од тоа.

„Тоа е еден вид лицитација што не е лесно да се задоволи. Значи, што и да правите, доаѓа ново барање. Потоа доаѓа она на што дури и не сте сметале. А јас понекогаш го нарекувам таков вид однос во хрватската политика и во нашата внатрешен политички натпревар ‘гаслајтинг’. На хрватски јазик тоа најдобро се преведува како залудување, или обид некого да го убедиш дека нешто што е фикција е реално. Значи, Македонија сама одлучува што е подобро за неа и кој пат го избира. Дали е тоа, секако претпоставувам дека е патот на безбедноста, задоволството, просперитетот, мирот и спокојството на граѓаните на Македонија, на сите етнички групи, националности. А ова второто, вклучувајќи ја Европската Унија, па дури и НАТО, е фасада. Тоа е еден вид енергетска обнова. Стиропор, лице. Но, она што ја прави куќата е внатрешноста и носечките ѕидови и нејзината структура“, истакна хрватскиот претседател нагласувајќи дека ова се само негови размислувања, а не совети.

Но, како што рече, гледајќи, следејќи, доживувајќи сè што доживеал и видел во последните многу години, тоа се негови мисли и вели дека истото ваќи и за неговата земја.

„Значи, тоа важи и за Хрватска. Европската унија е надградба, но во никој случај не е зграда. Значи, нашата куќа и нашата зграда се на наше земјиште, нашите темели се во неа, а Европската унија е добредојдена сензација додека трае. И тоа е тоа. Немам илузии за тоа. И им посакувам на Македонија и на Македонците и на политичарите во Македонија се најдобро сами да проценат, без туѓо менторство и уште полошо, без туѓа манипулација и управување со видливото и невидливото, што е добро за нив, бидејќи тоа се случува предолго. Пред пет, шест, седум години, не би го кажал ова. Денес го кажувам ова затоа што го гледам. Значи, има живот без Европската унија, и успешен и целосно достоинствен живот“, рече Милановиќ.

Пречек со високи воени почести на македонската претседателка

Македонската претседателка е согласна дека патот на Македонија до полноправно членство во ЕУ е неоправдано попречуван и одолговлекуван.

„За жал патот кон ЕУ се трансформира во маратон. Можете да замислите кандидатскиот статус го добивме во 2005 година. Определбата беше дека политичкиот систем на ЕУ тој sui generis политички систем, низ призма на Копенхашките критериуми, утврдени уште во далечната 1993 година, може да не направи компатибилни со регионот, ама и компатибилни во европски рамки. И, вистина, посветено тргнавме на тој пат“, рече Сиљановска-Давкова. 

Таа додаде дека најчестите барања од нас се најчудните – промена на Уставот.

Според неа, ова е огромен предизвик за земјава и оти на тој пат ние размислуваме за сите можни решенија, иако мора да се нагласи оти кај сите политички партии во програмите една од стратешките определби е ЕУ како заеднички дом. Граѓаните кај нас, нагласи таа, околу оваа синтагма, околу ова барање се обединуваат.

„Она што го бараме ние е многу едноставно, исти стандарди какви што се барале од вас, или какви што се бараат и од другите членки, а тоа се Копенхашките критериуми. Меѓутоа, ние добиваме барања коишто се однесуваат на историјата, на културата, на јазикот, или на идентитетот“, истакна на прес-конференцијата по средбата Сиљановскаа-Давкова.

„Реалполитиката се претвори во дарвинистичка. Кантовиот вечен мир, стана свет во којшто силните го прават тоа што можат, а слабите тоа што мораат. Ние сме во оваа втора категорија. Меѓутоа, има прашања за кои навистина не може и не треба да се разговара“, рече претседателката.

Милановиќ на прес-конференцијата одговараше на прашања поврзани со вооружувањето на Србија. Тој предупреди на фактот дека хрватскиот министер за одбрана преговара со Израелците во исто време „додека Израел го вооружува нашиот прв сосед, што го гледаме како безбедносен проблем, јас зборувам за Србија“.

Зборувајќи за вооружувањето на Србија од страна на Израел, тој објасни: „Се започна пред една година кога од Израел беше купен повеќецевен ракетен фрлач со дострел од 300 километри. Тоа е уште поофанзивно оружје од она што Кинезите наводно им го продале. Можеби министерот треба да ги праша своите пријатели во Тел Авив – зошто го продадовте на Србија? Значи, Израел активно вооружува земја што и Пленковиќ и министерот ја нарекуваат непријател. Дали гледаат некаква недоследност и причина да го прашаат Израел – зошто тоа го правите? Не, тоа е сојузник“.

„Тој сојузник, од кого министерот го купува таканаречената  Давидова праќка, ја вооружува Србија и не само што ја вооружува, не само што ја вооружува со екстремно офанзивно оружје – од кое заштитата е уште потешка отколку од хиперсонични ракети – туку им помага да се интегрираат, како системски интегратори, за да интегрираат сè што Србија купила во ‘синџирот на убивање’. Тоа го прават Израелците со кои министерот преговара за набавка на таканаречениата Давидова праќка“, рече Милановиќ.

Пред прес-конференцијата тие имаа тет-а-тет средба, а беше одржан и пленарен состанок на делегациите на двете земји. Македонската претседателка, која е во официјална посета на Република Хрватска, ќе оствари средба и со премиерот Андреј Пленковиќ. Предвидено е да положи венец на Споменикот на татковината, а во градскиот парк „Бундек“ ќе положи венец на спомен-бистата на Блаже Конески.