Сиљановска ќе ги потпише измените на Законот за урбанистичко планирање – бидејќи и СДСМ не биле против
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе го потпише указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани на 13 август во Собранието. Министерот за транспорт Александар Николоски ѝ ги образложил причините за законските измени и ѝ кажал дека без нив не ќе може да се префрлат средства на општините за реализација на значајни проекти. Освен тоа, нагласи Сиљановска,зад законот стојат 64 пратеници.
„И во кампањата и во мојот инаугуративен говор реков дека ќе посегам по ветото, но дека претходно ќе разговарам и со предлагачите и со пратениците. Разговарав со предлагачот, барав да ми ги образложи причините за скратната постапка, ми ги образложи, ги знаете причините. Вели дека е невозможно да се реализира помошта на општините доколку нема можност клучните објекти како училишта, градинки, гаражи, да се реализираат, доколку не може да се префрлат средствата. Ми ги објасни овие измени како привремени или преодни. Рече дека е подготвен веднаш да формира широка комисија од хетероген состав, вклучувајќи ги невладините организации во неа“, изјави Давкова.
Претседателката кажа дека секојдневно добива укажувања и од невладиниот сектор и дека секогаш ќе бара тој да се третира како партнер.
„Она што мене ме загрижува е следното. Значи, скратена беше постапката но исто така беа поканети, како што можев да видам и релевантни претставници на невладиниот сектор за донесувањето на овој закон. Да бидам искрена, јас сум за инклузивен модел и секогаш ќе барам да се почитува мислењето на невладиниот сектор и да се третира како партнер. Да не заборавиме дека законите ги носат пратениците, но она што мене ме збуни во случајов со овој закон е дека не видов ниту една дискусија на комисијата и на пленарната седница од пратениците од опозицијата“, додаде Давкова.
Давкова очекувала да има амандамни за законот бидејќи, како што рече, секогаш невладините помагале со амандманите, но сега не биле поднесени.
„Ј, и да го вратам законот, зад него има 64 пратеници. Треба да има апсолутно мнозинство од 61 за да го потпишам. Ако немаше дискусии, ако немаше гласање против тогаш мислам дека ќе се повтори оваа ситуација. И, затоа заклучувам, ќе го потпишам законот, мислам дека тоа треба да се направи денеска или утре“, најави Сиљановска.