Сиљановска гневно се сврте против новинарите
Претседателката во интервјуто на Телма изјави дека новинарите често имаат „фрустрирачки јазик, малициозен“, и дека и тие биле виновни за ситуацијата во државата, а не само политичарите

Прилично неочекувано, наспроти нејзините постојани меки јазични изјави, претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, синоќа имаше една остра тирада против новинарите оценувајќи дека тие знаат да употребуваат „фрустрирачки и малициозен јазик“.
Сета оваа неочекувана конверзација се одвиваше за време на емисијата „Вин Вин“ на Оливера Трајковска, која имаше интервју со Сиљановска на првата годишнина од нејзиното преземање на функцијата. Генерално, интервјуто беше остро и во прашањата и во одговорите, а претседателката дури и го повишуваше гласот, но нападот на уредник на Телма, а потоа генерално и на новинарите, ги зачуди гледачите, а очигледно и самата Трајковска.
Целата работа беше поврзана со дебатата на „Топ тема“ на Телма во понеделникот, каде уредникот Боби Христов ги викна како свои гости на дебата пратениците Бране Петрушевски (ВМРО-ДПМНЕ) и Благој Бочварски (СДСМ). Едно прашање на Боби Христов до двајцата пратеници на крајот од емисијата – како ја оценуваат првата година од мандатот на Сиљановска, и дали пратеникот Петрушевски е горд на претседателката – три дена подоцна избувна како гнев од шефицата на државата.
Целата епизода во синоќешното интервју почна со прашањето на Трајковска околу изборот на нов гувернер на Народната банка и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски „која не е пристојна за вас, кој не рече дека сте го консултирале, туку дека направил консултации со вас. Има многу прво лице во големите мандати“. Инаку, претседателот на државата го предлага гувернерот на Народна банка.
Потоа следеше одговорот и бурата.
Еве го транскриптот на овој дел од интервјуто.
Гордана Сиљановска: Не можам да анализирам карактери во јавноста, меѓутоа можам да кажам дека неумереноста за којашто зборувате не е присутна само во јазикот на политичарите, туку дури и во јазикот на новинарите. Ме чуди потребата од ad hominem пристап. Да објаснам за што се работи“.
Потоа даде објаснување како добила од Собранието известување пред еден месец дека истекува мандатот на гувернерката на Народна банка. Кога може да го поднесе предлогот според Деловникот на Собранието и дека сѐ уште нема определено кандидат, затоа што внимава тој да добие мнозинство и да биде избран во парлементот. А не тоа да биде неуспешен избор.
Гордана Сиљановска: Не премиерот , претседателот на Собранието, секретарката, ја информираат и владата и мене. Тоа што го кажал премиерот веројатно е што ќе се случува, дека има можност. Ама да кажете вие дека јас сум ја изгубила гордоста затоа што премиерот ме супституирал, па закажувал во моем име. Не! Јас уште не сум поднела предлог. Ќе го поднесам во понеделник наутро. Тоа што рекол премиерот е дека е информиран за ова и дека тогаш ќе има седница (во вторник).
Оливера Трајковска: Ма, не рекол така.
Гордана Сиљановска: Сега, што рекол, не знам. Но интерпретацијата е шокантна. Оливера, во оваа куќа овде, во емисија во која не сум јас, пратеник од ВМРО добива прашање ‘Дали сте сѐ уште горди на претседателката’. Па, што има да бидат горди на мене! Легитимитетот ми извира од граѓаните. Гордоста е нешто друго. Тоа е една чудна, чудна комуникација и не ми е јасно која е причината.
Оливера Трајковска: Зошто сте толку чувствителна? Не ве познавам ваква.
Гордана Сиљановска: Како да не бидам чувствителна. Не е пристојно да зборувате за некој на таков начин. Еве, нека го прашаат денешниов гостин (Антонио Кошта – н.з.). Нека ги прашаат сите претседатели и амбасадори што мислат за мене. Тоа не е пристојно. Тоа не личи на новинар. Вие треба да делувате просветителски. И во поглед на јазикот, бидејќи политиката понекогаш не е реалност, перцепција е. Вие сте главните креатори на перцепцијата. Понекогаш и погрешна. Ова што ни се случува во државата не е само поради политичарите. Тоа е фрустрирачки јазик, малициозен.
Да видиме што беше малициозно во прашањето на Боби Христов до Бране Петрушевски неколку дена порано во истото студио што ја предизвика ваквата реакција на претседателката за да оцени дека и новинарите, покрај политичарите, биле виновни за состојбата во која се наоѓа државата. Или пак на претседателката не ѝ се допаднал одговорот.
Боби Христов наброја каде била Сиљановска изминатава година во странство, само неколку државни посети, дека официјално дошол само еден претседател кај неа во посета и го праша Петрушевски – „Колку сте за една година горди од Гордана Сиљановска како претседателка?“.
Бране Петрушевски одговори вака:
„Тоа се статистички податоци и вие новинарите сакате да зборувате со статистика. Она што го гледам по медиумите и социјалните мрежи е дека таа се среќава со стотици луѓе месечно. Многу светски лидери, многу дипломати, претставници на ОН и други институции и организации, проверете. Но, битно е дали нејзините контакти се корисни или не. Први што се јавија за помош за трагедијата во Кочани беа претседателот на Бугарија, Радев, па претседателот на Србија, Вучиќ, албанскиот пртетседател Бегај. Знаете дека најмногу луѓе беа лекувани во Бугарија и Србија, ни помогнаа и треба да сме благодарни на претседателката. Владата тоа подоцна го изменаџира. Така што, поважен е ефектот отколку статистиката“.
Потоа зборуваше како ништо не чинело во претходните седум години пред да дојдат на власт и други политички пропагандни пораки и најпосле заклучи: „Мене ме прави горд што Гордана Сиљановска-Давкова е различна од сите досегашни претседатели. Многу сум горд што Гордана Сиљановска-Давкова е претседателка на државата“. (Н.В.)