Силјановска Давкова: Ваков колапс на легитимитетот за 18 месеци нема ни на едни европски избори


Не треба да сте експерт за избори за да заклучите дека во историјата на европските избори од каков било вид се нема случено ваков колапс на легитимитетот. Да изгубите за 18 месеци 40 проценти од гласачите, нешто околу 200.000 гласови. Тоа е силно предупредување, не само за пораз на претседателските избори, тука и за очекуван пораз на следните парламентрани избори, нагласи денеска кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

Таа го критикуваше честото присуство на премиерот Зоран Заев, како лидер на СДСМ во претседателската кампања на Стево Пендаровски, како и присуството на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Јас отворено изјавувам дека во ЕУ се оди и датум за преговори се добива само со беспоштедна битка со корупцијата и криминалот, со непотизмот, само на крилјата на владеењето на правото. На тој начин корист од таквиот модел на демократија ќе имаат и младите и возрасните и сите кои се за Македонија како европско место за живеење. Резултатите од битката со сите овие процеси кои ги напоменав ги нема, ние нема да добиеме почеток на преговори. Тука не ви помага ни ЕУ ни НАТО да повторувате реторички, ниту да се колнете во Европската Унија, потребни се европски процеси, истакна Силјановска Давкова.

Околу најавата на лидерот на СДСМ, за тоа дека без оглед на резултатот од вториот круг од претседателските избори, ќе има „чистка“, таа наведе дека примерот во една држава секогаш треба да доаѓа од носителите на највисоките функции.

– Не можете да очекувате од граѓаните да се однесуваат поинаку ако моделот што го давате на менаџирање на процесите и на политичко поведение нема ништо заеднички со владеењето на правото. Можеби е строг изразот, но метафорички е, дека „ние веќе немаме друг избор“, се покажа во овие 30-тина години дека ако се повторува моделот на управување, или ако се трансформира „титоизмот“ во други и други видови на авторитаризам, тоа не води закопани во минатото, не можеме еден чекор да направиме. Мораме да посегнеме кон радикални промени, од типот дека правото, Уставот и законите важат не само за обичните граѓани, туку важат и за носителите на функциите. Досега тој модел не го видовме, потенцираше кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на изјавата, на косовскиот министер Пацоли, кој ги повика Албанците да гласаат за кандидатот на СДСМ и коалцијата Стево Пендаровски, таа наведе дека нема ништо против добрососедски односи со Косово, меѓутоа, како што рече, таквата изјава е невообичаена низ призма на едно од основните начела на ОН за немешање во внатрешните работи.

– Граѓаните Албанци, знаат кому да го доверат својот глас. Јас ги охрабрувам да го искористат гласот така како што мислат дека е најдобро во демократски европски цели. Јас на албанските гласачи им го нудам она што им го нудам и на македонските гласачи, турските, ромските гласачи,српските гласачи… еднаков однос кон нив, од првиот ден во мојот кабинет, доколку бидам избрана тоа ќе го потврдам, наведе Силјановска Давкова.

Во однос на нејзината изјава дека во вториот круг од претседателските избори ќе ги побара гласовите и од оние од „бојкотирам“, како и од разочараните, таа посочи оти смета дека нејзините шанси да го придобие нивните гласови се многу поголеми, бидејќи, како што рече, таа не ја креирала сегашната катастрофална демократска и економска ситуација, туку тие.

– Корупцијата во Македонија е системски проблем, кризата на лидерството е системски проблем, поданичката политичка култура е системски проблем, партизацијата и политизацијата е системски проблем. Не може оние кои го крерирале проблемот да го решат, потребни се нови луѓе, заклучи Силјановска Давкова.