Сиљановска-Давкова на свечената академија по повод 100 години „Љуботен“: Во предметот Физичко образование да вклучиме и планинарење
Време е да ги следиме инспиративните примери на државите во кои рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени, туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“.
Во обраќањето на свечената академија за јубилејот на „Љуботен“ што се одржа синоќа во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово под нејзино покровителство, Сиљановска-Давкова напомена дека имаме посебна обрска да го заштитиме планинското богатство со кое, рече, сме благословени. Должни сме, истакна претседателката, да ги сочуваме ретките и загрозени видови дрвја, животни, билки, птици, инсекти, а природата ќе ни врати со чист и свеж воздух, ќе не штити од порои и поплави, ќе не лекува и ќе не храни.
-Да ја афирмираме филозофијата на здрав живот. Да направиме култ од планинарењето меѓу младите. Наместо кон коли и алкохол, да ги мотивираме и да ги насочиме кон физичка и спортска активност на планините. Да го омасовиме рекреативното планинарење, потенцира Сиљановска-Давкова.
За неа е неспорно дека планинарењето како спортска и рекреативна активност ги подобрува телесното и менталното здравје и ги јакнее карактерот и личноста на човекот.
Претседателката изрази благодарност до сите генерации планинари, посебно до членовите на Љуботенската фамилија.

-Благодарение на Планинарскиот клуб „Љуботен“, но и на другите четири тетовски планинарски клубови, како и на останатите, расте популарноста на планинарењето како особено здрава и интриганта спортско-рекреативна дејност. Низ планинарските клубови како престижни училишта за планинарско знаење и вештини, поминаа низа генерации ученици – планинари. Ги научија најголемите тајни на планините, ја почувстуваа неодоливата планинска привлечност, на којашто не и одолеја, воспоставија искрена и трајна врска со планинскиот свет, посегнаа по грижа за шумите, ливадите, билките, животните, птиците, потоците и езерцата, станаа едно битие со природата. Меѓу вас и со вас беа и се и алпинистите, чиј лимит се висовите, чие освојување е човечки натпревар со себе, или себеослободување, трансцендирање во метафизички свет, во друга димензија, онаа на неможното како можно. Вие ја разбудивте детската љубопитност за шаренилото на Шара кај обожавателите на планинините преку сликите што прикажуваат убавина со магична и магнетна привлечност, нагласи претседателката.
На Љуботенци им порача да го продолжат другарството со Шара.

– Верувам дека планината ги здружува луѓето и во добро и во зло, во планинарењето и во зимските спортови, поттикнувајќи ги солидарноста, натпреварот и хуманоста, како и облагодарувајќи ги натпреварувачкиот дух и желбата за победа. Совршеноста на природата раѓа мирни и мировни вибрации кај луѓето, а не воинствени и уништувачки. Можеби затоа планинарите не се откажуваат од планината и имаат насушна потреба од неа, како сечовечки мелем и лек за среќната или несреќна душа. И јас не сум исклучок. Никогаш, никогаш нема да ја заборавам магијата на Лешница. Можеби затоа е крај мене убавицата Караманка, девојката – планинка. Очекувам раст и развој на Планинарскиот клуб „Љуботен“, подобри денови за планинарите и планинарењето, рекреацијата и спортот, со цврста верба дека се незаменливи и најефикасни бранители на нашето, од сите страни атакувано физичко и ментално здравје. Овој голем јубилеј ни овозможува да ги сумираме резултатите не само низ лична, индивидуална, туку и низ социјалната димензија, рече Сиљановска-Давкова.
На настанот се обратија и претседателот на ПК „Љуботен“, Јован Божиноски и претседателот на ФПСМ, Зоран Читкушев.
Присутните имаа ретка прилика да ја проследат богатата историја на најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен“ преку презентацијата на документарен филм и мултимедијалната изложба во галеријата на Домот на културата.

На претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на неколкумина најзаслужни членови на клубот, како и на неколку домашни и странски институции и програми им беа доделени плакети за трајни вредности.