„Силјан“ на Тамара Котевска е годинашниот македонски кандидат за „Оскар“
Во трката беше и „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар

Македонскиот филм „Силјан“ во режија на Тамара Котевска и во продукција на Конкордиа (Concordia) е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за Најдобар интернационален филм.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Томи Салковски – претседател на комисијата и продуцент, Лабина Митевска – продуцент, Даријан Пејовски – режисер, Марија Димитрова – продуцент, Душан Кардалевски – кинематографер, Марина Колоска – прв асистент на камера, Иван Ивановски – режисер на анимиран филм, Братислав Зафировски – тон мајстор и Горан Игњатовски – автор на филмска маска. Деветчлената комисија одлуката ја донесе едногласно.
Годинава, комисијата избираше помеѓу три извонредни македонски филмски остварувања, и тоа: „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, во продукција на Синема Футура, „Силјан“ на Тамара Котевска во продукција на Concordia и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар во продукција на Cinepaqe Production.
При својот избор, комисијата која имаше навистина тешка задача, беше водена од синеастичката вредност на филмските дела, „силината“ на приказната што ја обработува секој од филмовите, нивната наративна, драматуршка и пикторална компонента, како и критичкиот осврт кон актуелната општествена и политичка стварност.
Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм” од самото осамостојување на Македонија, кога од американската Академија за подвижни слики (AMPAS) беше препознаено како единствена релевантна институција за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата.
„Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17-ти век. Филмот ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Од таа средба започнува магична врска што станува метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
„Белиот штрк е симболично животно во Македонија, тесно поврзано со векови миграција на овие простори, не само економски, туку и поради војните, поврзано е со историјата на земјата и регионот. Штркот е особено важен за екосистемот и поврзан е со луѓето, тие се козависни едни од други. Лично ме заинтригира да ја анализирам оваа врска присутна во македонскиот фолклор како симбол на слобода, дом и семејство“, кажа режисерката Тамара Котевска на прес-конференцијата во Венеција, пред светската премиера на нејзиниот трет документарец „Силјан“ вон конкуренција во селекцијата на 82. Венециски филмски фестивал.
Снимањето на „Силјан“ траело две години и уште една година подготовки, но монтажерот Мартин Иванов не можеше да каже колку време поминале со штрковите.
„Не знам колку време поминавме со нив. Снимањето штркови не е лесно затоа што не се цело време на едно место“, кажа Иванов.
Котевска појасни дека снимањето се одвивало во два дела.
„Главниот фокус во првата година беше на тоа да се разберат штрковите и да направиме стратегија како да ги фатиме најинтимните моменти. Потоа го откривме тој човек, поранешен земјоделец кој сега работи на депонија, што нè пренесе во човечкиот свет“, рече Котевска.
Котевска сама го има започнато проектот од идеја до продукција. Таа е и режисерка и продуцентка на филмот во копродукција со американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, останати продуценти се Жан Дакар кој е и кинематографер на филмот, како и Јорданчо Петковски и Ана Хашми, а монтажер е Мартин Иванов. Во филмот нема учество од македонската Агенција за филм.
Документарниот филм „Силјан“ освои едно од најпрестижните признанија – „Cinema and Arts Award“ („Наградата на Музата“) за најинспиративен филм на 82. Венецијански филмски фестивал, што заврши на 6 септември, издвојувајќи се меѓу 20 меѓународни наслови.
Котевска е корежисерката на „Медена земја“ што доби историски две номинации за Оскар во 2020, за најдобар странски филм и за најдобар документарец, и со награди на фестивалот „Санденс“.