Си-ен-ен од болница во Њујорк: Ова не е „Вовед во анатомија“ – ова е живот


Во рок од 10 минути шест пациенти имаа срцев застој, а четворица умреа, известува Си-ен-ен за ситуацијата од една њујоршка болница.

Болничкиот „Код 99“, сигнал кој известува дека на пациентот му е потребна реанимација, се огласи петпати за помалку од час.

„Толку се болни што ги губиме во миг. Разговараат со нас, а неколку минути подоцна им ставате цевче во грлото и се надевате дека ќе го поставите апаратот за дишење за да им помогне“, вели за Си-ен-ен респираторниот терапевт Џули Исон.

Новинари на Си-ен-ен биле повикани во просториите на универзитетската болница во состав на Универзитетот за здравствени науки во Њујорк во Бруклин, една од трите болници во државата Њујорк во која сега исклучиво се лечат само пациенти со Ковид 19. Иако во ургентниот центар доаѓаат помалку луѓе од пред епидемијата, сите имаат Ковид 19, па со тоа се и поболни, а стапката на смртност е висока. Умираат речиси 25 отсто од пациентите.

Лекарите овде се среќаваат само со пациенти кои се гушат поради корона вирусот, кој го затвори цел свет, а кој како што тврдат некои научници, во Њујорк се близи до врвот.

Пациенти непрекинато пристигуваат во болницата во Бруклин, па медицинскиот персонал нема време за одмор.

Екипата на Си-ен-ен видела како здравствен работник завиткува во чаршав починат пациент, местото се дезинфицира и за половина час друг пациент е сместен во истиот кревет, во критична состојба со маска на лицето.

Од речиси 400 заболени од ковид 19 кои се примени во болницата, 90 отсто се постари од 45 години, а 60 отсто постари од 65 години, но болеста не ги погодува само постарите. Има пациент на три години. Опишувајќи ги младите околу 20 години, лекарот од итната помош Лоренцо Паладино, вели дека некои плачеле, а некои гледале во празно.

„За нив ова е ‘Вовед во анатомија’, а не вистински живот. Ова не би требало да го видат“, додава тој.

Иако се трудат да ја сочуваат смиреноста, лекарите, медицинските сестри, респираторните терапевти, не се навикнати на вакви искуства, на толкав број луѓе кои се гушат, на толку итни повици и луѓе што не може да се спасат.

„Обично има еден итен позив, кога е лош ден, можеби два, тоа е многу емотивно искуство и секогаш се прашувате дали сте направиле сѐ што сте можеле“, вели д-р Синтија Бенсон, којаработи со Паладино во ургентниот центар.

„Емотивно е многу тешко да се подготвите за толку кусо време за вакво ниво на болести страдање, морбидност и смрт. Мислам дека никој од нас не е добро подготвен за тоа“, додава таа.

Од почетокот на епидемијата во оваа болница починале 94 лица.

Черил Ролстон, медицинска сестра и началник на ургнетниот центар, вели дека многу е тешко да се гледаат пациентите како страдаат без блиските околу себе.

„Ми се јави син на еден пациент и рече: ‘Татко ми има осумдесетина години… Знам дека ќе умре… И тажен сум што умира сам’“.

Во внатрешноста на осумкатната болница владее потполно друга атмосфера, за разлика од празните улици и тишината надвор, поради забраната за движење.

„А тогаш влегувате во ургентниот центар каде владее атмосфера на забрзаност каква може да се види само во местата кои се погодени од катастрофа“, вели Роберт Гор, лекар од итната помош.

Најтешките пациенти ги приклучуваат на респиратори. Сложени, скапи апарати од огромна важност во борбата против корона вирусот. Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, тврди дека на Њујорк му се потребни повеќе од 30.000 респиратори. Сепак, тие не се чудотворни.

Податоците покажуваат дека изгледите за преживување од Ковид 19 се слаби дури и ако ги приклучат на респиратор, вели Паладино.

Тој спаѓа во научниците кои докажаа дека на еден респиратор под одредени околности може да се стават двајца пациенти. Иако Куомо тврди дека тоа треба клинички да се испита, за Паладино тоа е решение на проблемот.

„Загрижени сме кога еден ден нема да имаме повеќе репиратори. Не сакаме да се доведеме во ситуација да бираме меѓу два пациенти на кои им треба репиратор, па да фрламе паричка кого да го приклучме“, вели тој.