Шведската амбасадорка зборуваше на седница на Владата за приоритетите во ЕУ

На почетокот на денешната владина седница, на покана на премиерот Димитар Ковачевски, се обрати амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џејн, која направи осврт на приоритетите и актуелностите на шведското претседателство со Советот на Европската унија.
„Иднината на Западен Балкан е во Европската унија“, порача амбасадорката и потенцираше дека шведското претседателство е сериозно посветено на овој процес, за којшто, како што рече „геополитичката ситуација донесе нова итност“.
„Северна Македонија се покажа како добро подготвена и мошне професионална во скрининг процесот“, рече амбасадорката Ларсон Џејн и пренесе поддршка за натамошниот процес на европските интеграции на нашата држава.
Таа соопшти дека високо се цени усогласеноста на надворешната и безбедносна политика на Македонија со политиките на ЕУ во актуелниот геополитички контекст. Ларсон Џејн говореше за приоритетите на шведското претседателство – безбедноста, конкурентноста, зелената енергија и енергетската транзиција, како и чување на демократските вредности и справување со криминалот и корупцијата.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност за тоа што шведското претседателство го внесе и го подржува поттикнувањето на евроинтеграцискиот процес со земјите од Западен Балкан во својата програма и посочи дека приоритетите на шведското претседателство, мирот и безбедноста, консолидацијата на демократските вредности и владеењето на правото се темелни определби и на Република Северна Македонија.
„Имаме освежен состав на Владата со мноштво обврски поврзани со европскиот реформски процес. Новото мнозинство во Собранието како и новиот состав на Владата се формирани токму со таа цел, обид да се забрза исполнувањето на евро-интеграциските задачи и да придонесе кон успешно завршување на скрининг процесот и после години чекање, преминување во следната квалитативна фаза – отворање на првиот кластер посветен на Темелните вредности“, рече премиерот Ковачевски.
На седницата се обратија и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.